НЕМА ЗАМИНУВАЊЕ ОД ДЕСПИНА, ОСВЕН ВО СТРАНСТВО

Фудбал: Фудбалерките утре почнуваат со подготовки

Се задржува ,,костурот,, на тимот што го освои третото есенско место

Despina

Двомесечниот одмор заврши и в сабота почнуваат тренинзите на Деспина за претстојната пролетна сезона од Женската фудбалска лига. Стручниот штаб предводен од Николче Здравески, со асистентите Диме Аџулески и Круме Митрикески, планирано е да работи триесетина дена само во градов. Првенството продолжува во почетокот од март со гостување на Љуботен во Тетово, во кое борбата ќе биде за освојување место меѓу првите три од табелата. Тоа подразбира барем задржување на есенското трето место, што би значело прогрес во однос на ланската сезона, кога тимот беше седмопласиран меѓу 14 тима. Во однос на бодовите, Деспина има 6 помалку од првата Саса, 3 од втората Тиверија, 1 повеќе од четвртата Шкендија. Втора шанса е Купот, каде прво треба да се помине четвртфиналето. За да се дојде до целта, клубот реши да го задржи квалитетниот играчки кадар, од голманката Колевска до напаѓачот Стојковска.

-,,Костурот,, од екипата секако дека ќе го задржиме и не доаѓа предвид заминување во некој домашен клуб. Може да се прифати само премин во странство – вели Славчо Ѓорѓијоски, претседател на клубот.

  Значајни се и резултатите на Младинската екипа на Деспина. Во есенскиот дел таа убедливо го освои првото место во Младинската лига со биланс: 8 победи, без реми и пораз. Гол-диференцијата е реткост: 29 дадени, ниеден примен гол! Квалитетниот тим е плод на четиригодишната работа со талентираните фудбалерки од страна на тренерот Катерина Милеска, актуелен капитен на сениорскиот тим Деспина.

Победа – Напредок

Тренерот Дарко Крстески со соработниците 17-ти ден работи во подготовка на фудбалерите на Победа за пролетниот второлигашки дел. За денеска (13 ч.) закажан е првиот пријателски меч со третолигашот Напредок од Крушеани. Наредниот е на 5 февруари дома со Тиквеш. За засилувањата, нема измени. Дојдени се Котевски, Ефремов, Андреевски, Димитриоски, Илијески – Кисески, Симоноски и Симјановски.

Loading