ТВОРЕШТВО СО ОТВОРЕНА ДУША

MENCE KADINECМенче Кадинец, поет

Сограѓанката, примариус доктор Менче Кадинец, која целиот свој живот го посвети на медицината, работејќи како педијатар во детското одделение во болницата, последните години се ,,предаде,, на нејзината ,,љубов,, од школските денови, на пишувањето поезија.

Од најраните училишни години песни í се објавувани во тогашните списанија Наш свет, Студентски збор…

Најчесто пишува за љубовта кон блиските, родителите, своите деца, верата во Господа, за секојдневните случувања. Посочува дека треба да се има храброст да се изнесат чувствата пред читателите, да се ,,отвори,, душата, срцето. Секој се наоѓа во нејзините стихови, оти тие го означуваат животот.

Првата стихозбирка и е ,,Остави ја тагата,, објавена во 2007 година. Промоцијата í се совпадна со денот кога го изгубивме Тоше. Па затоа вели тагата остана. Во меѓувреме е учесник на бројни литературни и поетски манифестации. Следуваше збирката ,,Босонога,, за која доби награда за насловната песна, во која поезијата е со структурни поетски форми, приказ на поетската  концентрација на песни со стихови кои произлегуваат од сржта на случката. Во оваа поезија внесува дел од сопствената душа импулсивно, како што вели, барајќи го стремежот. Продолжува да го пренесува стремежот за убавиот збор. Следува ,,Анатомија на душата,, за која ја доби втората награда на манифестацијата ,,Книжевни меридијани,,. Пред читателската публика лани се претстави со книгата раскази ,,Изгубена белегзица,,. Кадинец е застапена во антологииите ,,Свето писмо,, ,,Поезија за Мајка Тереза,, ,,Поезија за празниците,,…

Се закитила со повеќе признанија, меѓу кои ,,Гарави сокак,, а со посебно задоволство ја изделува наградата во Зборникот на песни ,,Поезофија,, што е спој на поезија и филозофија во издание на Стефана Станивук Врселиновиќ од Белград. Нејзина поезија е дел од Лира Дружба, меѓународна литературна адоцијација во Русија, а пак на Третиот Национален поетски конкурс со меѓународно учество “Есенни Шурци” минатата година во Бугарија ја освои втората награда за поезија. На конкурсот “Уметноста моја инспирација” организирана од Академија Еуроарт-Штип се закити со првата награда за прозна творба. Со своите ракописи, објаснува, Кадинец, е застапена во Фондацијата Такец, каде исто така е наградувана.

Како педијатар сака да пишува многу за децата. Нејзини песни се  во изданието ,,Стихувалки,,, а моментно е насочена кон издавањето на книга, односно сликовница за деца.

Нејзиното творештво кое е обемно наскоро ќе биде збогатено и со  нова книга поезија на која неуморно работи.

Кадинец е член на Клубот за Литературни творци – Прилеп и вели дека поезијата е желба да се зграби животот во трк, со сите негови доблести, мани и недостатоци. Затоа таа посветено твори, граби низ виорот од брановите со отворена душа. 

Loading