НАСЛЕДСТВОТО ОД ДЕДО КУЛЕ

Умре кутриот дедо Куле. Не остави ништо. Ни синови ужалени, ни снаи и ќерки расплакани, ниту пак бабичка натажена. Од сермија, само едно криво магаре и три искинати черги. Наследникот, далечен, роднина на умрениот, Трајко, скапан вдовец со петшест ситни дечиња се најде во чудо.

-Беља. Шо да се прави. Умре дедо Куле – се поплака на комшијата.

-Бог да го прости. Сите ќе појдеме кај него – одговори дедо Јован.

-Сака да се закопа мртовец.

-Се сака, ами…

-Треба сандак, па да се заколе нешто за душа, да се плати попот. Арч е.

-Не е арч, оти че ја наследиш сермијата.

-Шо имот, едно криво магаре?

-Толку, толку, бериќатварсан.

-Поарно да почекаше до кај Петкоен, кога ќе го собереме берикетот. Ќе се продадеше нешто, ќе се фаттеше некоја пара. Вака, што ал, јас сиромав? Ни паричка имам, ни што да продадам!

-Позајми, па ќе толчиш глава потаму, ќе враќаш.

-Да зајмам, ама кој има сега пари? Ајде, дај ми ти некоја банка!

-Кај ме најде мене?

-Ако немаш ти со триста овци, кој друг да чини себап. Не ти гинат ако сум сиромав. Да го суредиме човекот, греота е…

-Немам, жими здравје, немам готова пара. Ај, и јас ќе се позајмам од пријатели, нека се живи, ако сакаш да ми го продадеш магарето. Ми треба едно добиче за по бачилото.

-Оти да не. Не ми треба. Доста ми е моето. Колку ќе дадеш?

-Лесна работа! Ќе го закопам дедо Куле. Ќе нарачам сандак, ќе заколам брав, ќе го платам попот и сé што се сака и ќе ти придадам…

-Колку ќе придадеш, де?

-Мунасип, уште 20 банки. Бива?

-Пари се 20 банки? Магарето чини најмалку 50.

-Их,50, гледаш криво е. Уште в зима ќе пцовиса.

-Накривува, ама здраво е ко челик. И на кобили рипа, ќе ти изваде некоја маска.

-Треба да се арчам. Не е само 20 банки. Есапи го прво сандакот, па бравот, попот, в црква сака да се пуште некоја пара…

-Што сандак, дедот Куле, сиромав, не беше ни метро ипол. Сандаче.

-Ами крева другиот мастраф. И отиде над 50 банки.

-Придај барем 30 банки, пушти го срцето. Еснаф ти беше дедо Куле, нека му е за душа…

Јован кандиса на 30 банки.

-Скапо, ама нека му е за душа, бравот на Кулета.

-Аирлија нека е – си подадоа рака.

-Ела, да побарам некоја пара и да се напиеме.

Бабата Прока го донесе пагурчето со ракија.

-Бог да го прости дедо Куле.

-Господ да си го просте. Арно му текна да умре, да се напиеме.

Пред одењесо 30 банки, Трајко се заврти.

-Пак се најдов во гајле. Не е ништо кусо. Има уште еден адет. Нели кога ќе умре човек, треба некоја жена да го таже.

-Еми, да, сака. Во голем грев ќе се фрлиш ако не биде така.

-Чаре? Проќа белким ќе поможи.

На бабата Проќа и ја изнесоа маката. Таа ги плусна рацете:

-Ќе го истажам. Куле ми беше некој сватоштина…

-Многу да не денгубиш? Трајко треба да плати. Бива?

-Колку пари ќе сакаш, Проке?

Бабата се чуди. Му се опули на домаќинот, а тој со ишарет и со три прсти од раката.

-Ќе дадеш 30 банки.

-За тие пари ја ќе ревам цела недела.

-Ќе реваш, ама нема да го истажиш ко што треба. Не е туку така. Има мајсторија.

-Толку ли скапо е тоа пусто тажење?

-Не е лесно. Ќе го истажам ко татко да ми беше. И тоа, ем на закопот, после на шесте недели, па на полта година, па на годината за тие пари. Баба Ристана земаше по 40 банки. Не оти беше тажење. Да се скине човек во смеа. Јас кога ќе викнам, на сите солзи ќе им потечат.

Бабата Прока не попушти ни динар, та виде-невиде Трајко, се согласи.

-Ај нека е аирлија саатот.

Трајко ги извади парите и му ги подаде на дедот Јован, но овој му ја покажа бабата Прока, и таа си ги прибра.

Закопот помина како никој дотогаш. Сандачето излезе за мерак, човек да легне во него. Па и бајѓи старци и баби се собраа да го испратат дедо Куле до вечната куќа. А бабата Прока со момински глас пиштеше.

-Леле, Куле, леле мили свату…

Кога се вратија од гробиштата и седнаа да јадат за душа на умрениот, народот почна да се е подбоцнува скришум. Трајко, сиромав, иако требаше да биде натажен, навали на бравот како месец да не беше јал.

-Тале, доста, немој толку да јадеш, што ќе рече светот?

-Тоа е наследство од деда ми Куле – и се нафрли на месиштето.

Loading