СВРШЕНИЦИ, НЕ ВЕРЕНИЦИ

ivce1Познат е рускиот писател Антон Павлович Чехов. Познати се неговите драми. Во една од нив, преку еден свој лик, Чехов вели: ,,Кај човекот сé треба да биде прекрасно: и лицето и облеката и душата и мислите,,. Ние само би додале: ,,И јазикот,,. Какви што се мислите, таков е и јазикот. Јазикот ја одредува културата на човекот.

Се организирала акција за чистење на околината. Ќе излезела сета администрација да чисти. Акцијата е наречена – ,,Не биди ѓубре,,. Кој ли беше кумот? Кој го измисли тој наслов? Зошто, ако некој не учествува во акцијата да се чувствува дека е ѓубре? Неубав наслов. Непријатен. Се одржа акцијата. Излезе администрацијата на чистење. И не само таа. Излегоа мнозина кои не сакаат да бидат наречени ,,ѓубре,,. Излегоа и политичарите. Излезе премиерот и повеќе министри. Излезе и министерот за администрација. Кажа неколку ,,благослови,,. Рече дека ова не треба да биде само еднодневна акција. Треба никогаш да не се ,,прлја,,. Точно е господин министер. Треба никогаш да не се валка, секогаш да биде чисто. Но, зошто и јазикот да не биде чист? ,,Прлјаво,,, на македонски значи ,,валкано,,. Убава акција, благородна, ама ете, ја ,,испрлјавме,,.

Извесна новинарка зборува нешто за театарот и околу театарот. Зборува за актерите и за ,,Даските што живот значат,,. Во Србија, нека си значат даските живот. Кај нас, во нашиот јазик тоа се штици. Зошто се потребни вакви позајмувања, дури и тогаш кога нема никаква потреба? Значи, таа фраза на македонски би гласела: ,,Штиците што значат живот,,.

Земјотресот во Албанија беше катастрофален и беше подолго време тема на разни разговори. Информирани бевме за многу поединости. За бројот на жртвите, за бројот на урнатите објекти, за извлекување на жртви од под урнатините. Слушнавме и за тоа дека биле извлечени телата на вереници (момче и девојка). Настанот е навистина трагичен. А зошто не знае нашата новинарка (презентерка) и нејзиниот лектор, дека во нашиот јазик не постои збор ..вереници..? Свршеници се тоа кај нас ,,Се посврши Сербес Донка,,. Така се вели во една македонската песна, а не ,,Се вери Сербес Донка,,. Ќе приведеме и други наслови на народни песни: ,,Се посврши мала Клиса,,, ,,Се посврши куси врабец,,. Еве стихови, дел од песна: ,,Дај ми го мене прстенот/што сум ја Стојна свршило,,. Приведуваме повеќе примери како потврда дека тоа е нашиот збор – СВРШЕНИЦИ, а не ВЕРЕНИЦИ.

Не си спомнуваме точно за што беше темата, но се сеќаваме дека извесен политичар употреби израз ,,страно тело,,. Некаква одредба од некој закон, нешто кое не можело да се вклопи во нормалната содржина. Тоа било ,,страно тело,,. Каква е таа силна потреба да се употребуваат српски зборови? Тоа си е туѓо тело, зошто на нашиве луѓе прво им доаѓа на ум српскиот збор или израз?

Еве пак сличен случај, еве пак висок политичар. Објаснува, зборува нешто за тој таканаречен ,,Мал Шенген,,. Вели: ,,Тој треба да се мења,,. Се прашува човек, толку ли е тешко нашиве луѓе да го изменат ставот спрема јазикот? Зар не е јасно дека нашиот глагол гласи – МЕНУВА, а не МЕЊА.

Уште една редовна грешка од скопскиот жаргон. Имало поплава. Поплавата одземала две жртви. Поплавата ОДЗЕЛА, а не ОДЗЕМАЛА две жртви. Скопјани велат “Земав плата” наместо ,,зедов,,.

П.С. Ќе почнеме од овој број да приведуваме по некој збор или израз кој го слушаме редовно, а не треба да го слушаме. Ќе почнеме со изразот ,,Така да,,. Никогаш не треба да се употребува. Во најголем број случаи тоа не значи ништо. Тоа е само буквален превод на српското ,,Тако да,,. Ако веќе е неопходно да се употреби тогаш треба – ,,Така што,,.                                                                                                      

Loading