ГНИЛИ КРУШИ (НЕ „ТРУЛИ“)

ivce1Лошите работи брзо, пребрзо се шират. Извесен политичар изјави: ,, Судскиот совет во нашава земја е трул,,. Ја слушнавме оваа фраза и сите телевизиски куќи, буквално сите, почнаа да го користат зборот ,,трул,,. Чудно и несфатливо. Не е оправдано и за извесниот политичар да го употребува овој збор. Не смеат и новинарите, а лекторите каде се? Па зар не знаат, а очигледно дека не знаат дека тој збор на македонски гласи ,,гнил,,, а не ,,трул,,. Кога немаме наш збор или израз, можно е да се позајми од друг јазик. Се разбира, тоа мора да помине низ нашиот јазичен филтер. Случајов не е таков. Гнили круши, гнили конци, гнила политика и слично, се толку често употребувани зборови во нашиот јазик. Позната и препозната е именката ,,гнилеж,,. Кај пчелите постои болест која се вика ,,американска гнилеж,,. За жал, пчеларите (можеби не сите) ја викаат ,,американска трулеж,,. Во тие области, обично се користи српска литература, а на нашиве луѓе и на ум не им паѓа да го користат македонското име на таа болест. Не можеме толку многу да им замериме на обичните луѓе. Но, зошто прават вакви грешки оние кои се должни да го знаат македонскиот јазик? Зошто, понекогаш и не го отвораат Речникот? Некогаш, кога немаше никакви помагала, беше тешко, сега не е така. Сега е преголема негрижата за јазикот.

Понекогаш и понекаде се употребува како дијалектизам и еден друг збор наместо зборот ,,гнил,,. Тоа е придавката ,,трлав,,. И овој збор е регистриран во нашите речници. Сме слушале, во некои селски средини да се вели: ,,Дрвата не горат и не создаваат жар, затоа што се трлави,,. Помал грев е ако се користи овој збор, отколку оној ,,трул,, кој не е наш и не ни треба.

Поради некој дефект, голем дел од Скопје немал струја. Се појавил проблем во гинеколошото одделение каде имало бебиња во инкубатори. Новинарката известува дека кога ,,нестанала,, струја се појавил тој проблем. Каде го измисли зборот ,,нестанала,,? Зар не можеше да каже дека проблемот настанал кога угаснала струјата, кога снемало струја, кога болницата останала без струја. Можело на многу начини да го каже тоа. Но, ете, нејзе и паднал на умот глаголот ,,нестанала,,. Ретко ја слушаме оваа грешка, но ете, новинарката се погрижи да потсети.

Адвокат, познат, одамнешен, зборува за нашето судство. Ги критикува судиите. Судството било партизирано. Која партија ќе бидела на власт, такви биле и судиите. Пресудите биле диктирани по телефон, од централите на партијата што е на власт. Така, судиите донесувале пресуди по налог на односната партија. А кога ќе се сменела власта, истите судии суделе ,,другачије,,. Суделе ДРУГАЧИЈЕ. Од каде овој збор? Зар толку не му текнуваше да рече ,,поинаку,, а не ,,другачије,,.

Време на судења. Затвори, притвори, пресуди. Одново сите телевизии по истиот начин. Кога некој обвинет е ставен во домашен притвор, тие велат ,,куќен притвор,,. Малку ако се размисли, ќе се дојде до сознание дека тоа е грешка. Човекот (притворениот) не мора да живее во куќа, може да живее во стан, може во барака, може и во колиба. Ако живее на пример, во барака, нема белки да речеме ,,баракен притвор,,. Обвинетиот во таквите случаи не смее да излегува од своето живеалиште, од својот дом. Да не излегува од дома, без разлика каков е неговиот дом. Треба во секое време да биде дома, во домашен притвор. Да не се поведуваме по српскиот јазик. Србите би рекле ,,идем куќи,,. Ние не би рекле ,,си одам во куќа,, туку ,,Сс одам дома,,. Толку е јасно. Го користиме тој израз секојдневно. Но, кога станува збор за ваквата судска мерка го земаме српскиот израз. Како секогаш и како во многу случаи. Се случува понекогаш, презентерот да вели ,,куќен притвор,, а долу на кајронот да пишува ,,домашен притвор,,. Не е јасно од каде доаѓа ваквата неусогласеност.

Loading