„МУЗИЧКИ ОРНАМЕНТИ“ ОД ЕМИЛ СОЛЕСКИ

Изложба

Ornament  4 soleski

 

Вечерва од 19.30 часот во ликовната галерија на ЦК ,,Марко Цепенков,, ќе биде отворена изложбата на скулптури  насловена ,,Музички орнаменти,, од скулпторот Емил Солески. Збирката од десеттина скулптури е вајана во мермер неколку години.

За делата на Солески, Никола Јованоски  запишал дека каменот и пламенот како симбол на вечноста ги премостуваат времињата за конечно да сфатиме колку сме мали пред минливоста на мигот во споредба со бесконечниот тек на звукот на каменот и пламенот.

-Искри на живот, темел на постоењето, а можеби и отпор кон минливоста. Малку се овие зборови да се одгатне загатнатото од Солески кој упорно го бара звукот на каменот во неговите постојани напори да се разгатне моментот на соочувањето на величината на нескршливоста на каменот и неговиот опстој во времето и просторот. Скулпторот се претставува со нова димензија, спој на музиката и каменот, спој на звукот и нескршливоста, преточени во форми кои наликуваат на музички инструменти, а од кои некаде во нашата потсвест ѕуни екот на каменот и ни пренесува пораки од дамнини – пишува Јованоски.

Солески на еден препознатлив начин, со совршено мазни линии во скулптурата ги слеал размислите на раѓањето, на звукот и неговото брановидно пренесување низ просторот и времето. Каменот пламнува во уметниковата душа постојано терајќи го да нурнува кон непознатото и да создава иднината…

Солески е дипломец на ФЛУ во Скопје. Покрај родниот Прилеп, имал самостојни изложби во Крушево и Куманово и групни во Скопје, Берат Албанија, Куманово, Струмица…. Автор е на бистите на Народните херои во Могилата на непобедените и на скулптурите Пере Тошев и Пеце Атанасовски.

Loading