МРЕЖИ СЕ ТРЕСАТ И ПО 8 ПАТИ

Мал фудбал: Хуманитарен турнир во мал фудбал ,,Свети Никола,,

Учествуваат 82 тима во три возрасни категории

Turnir Sveti Nikola

Денешниов е четвртиот ден од хуманитарниот турнир во мал фудбал ,,Свети Никола,, во Универзалната сала. Најголемиот спортски настан во Прилеп, ако се земе предвид гледаноста. Трибините од ден на ден се сé пополни, за во завршницата објектот да биде претесен да собере над 2000 гледачи. Очекувано, оти пријавени се 82 екипи, од кои 40 во сениорска, 30 во пионерска и 12 во ветеранска конкуренција.

Интересен, возбудлив тек на турнирот навестуваат првите мечеви, на кои се игра ,,англиски,,, офанзивно и оттука високата ефикасност. Само на еден меч беше постигнат 1 гол (Фаст фуд 5 – Марбет 1-0), а на останатите повеќе. Најмногу, осумпати, мрежите се тресеа на дуелот Теа Андреа – ЈП за ПУП (7-1). Во најсилната, сениорска, настапуваат екипи со имиња на познати компании, како Мермерски комбинат, Автоконтрол, Гентерм, Пекара Алекс, тимови од големиот фудбал – Братство, Јунајтед, Бучин, Тризла, Прилеп сити. Престижниот турнир овозможува на исто место да бидат почетници, рекреативци, аматери и професионалци од типот на интернационалецот Даноски, репрезентативци од футсалот… За квалитетот придонесуваат гостите од другите градови, Скопје, Битола, Велес, Демир Хисар, Ресен, Арис е од Куманово, Фенербахче од Кичево, лани третопласирана.

Бидејќи е најдобро организиран турнир во Македонија, екипата на Фенербахче Кичево учествува и годинава.

Љубителите на малиот фудбал ќе дружат до 25 декември.

Организаторите (Општина Прилеп, Локален спортски сојуз, Комфи ангел) овозможија бесплатен влез во првата, групна фаза. И кога ќе се наплаќа, се очекува метеж, затоа што приходот оди за лекување на малиот сограѓанин Дејан Најдоски.

Loading