МАКЕДОНСКИ УЗУС

ivce1Водителката ја најавува емисијата во која ќе се зборува за правилната употреба на македонскиот јазик. Убаво! Ретки се таквите емисии, а треба да ги има многу почесто. Емисијата е насловена – ,,Македонски узус,,. Дали баш било неопходно да се употреби ,,узус,, кога веќе се зборува за македонскиот јазик? Инаку, зборот, значи практика, навика. Латинско му е потеклото. Ја следевме емисијата. Коментарите повеќе се теориски, отколку практично укажување на секојдневните јазични грешки. Имаше и такви. И тоа, всушност, беше најубавиот дел од емисијата. Но, има нешто, еден збор, за чија употреба мошне често се поставува прашањето, дали тој не е натрапник во нашиот јазик. Чувството јазично нé води кон тоа. Тоа е зборот ,,доликува,,. Го употреби и водителката. Вели дека секој треба да си го знае и да го практикува својот јазик така како што доликува. Зошто му се отворија ширум вратите и тој влезе во нашиот јазик, па дури и во нашиот Толковен речник. Во Тритомниот речник (најстариот) не е одбележан. Велат дека јазикот е жива материја и тој се развива. Точно е. Но, дали и во овој случај е така? Како е дојдено до овој збор? Од што е произведен? Мислиме дека е тоа само непотребно позајмување од српскиот јазик. Имаме ние еден сличен збор кој гласи – ,,ликува,,. Глагол е тоа. Тој означува дека некој чувствува голема радост, се однесува триумфално, или пак се сити, се радува на некој туѓ неуспех. На пример, некој актер кој мисли дека е подобар од својот колега, ликува кога овој ќе биде оценет дека лошо ја одиграл својата улога. Некој ликува дека е поставен на некоја висока функција. Има многу такви. Дали од зборот ,,ликува,, може да се произведе збор ,,доликува,, и што би значел тој? Префиксот ,,ДО,, се додава во многу случаи. Меѓу другото, (ова што нé интересира) се додава при завршување на некое дејство: – дојаде, доврши и слично. Може да се користи и при прекин на дејството – дозборува, дооде… Глаголот ,,доликува,, е токму тоа. Ако некој ликувал, значи престанал да ликува, доликувал. Дејството е прекинато – ,,Тој многу ликуваше, ама доликува,,. Не може поинаку. Тој што ликуваше – доликува. Зошто на тој глагол му измислија друго, поинакво значење? Затоа и водителката, поведена од оваа инерција, вели дека секој треба да го знае јазикот како што доликува. А зошто не како што личи, како што прилега? ,,Не ти личи да се однесуваш така,, – ,,Наставник си, не ти прилега да правиш такви јазични грешки,,.

Вакво е нашето мислење за употребата на споменатиот глагол – ДОЛИКУВА. Глагол е тоа кај нас.

Еве и друга грешка, направена од човек, на кого баш не му личи, не му прилега тоа. Презентер во една наша телевизија, одамнешен, редовен гостин во нашите домови преку ТВ емисиите. Се случила многу лоша, грозна ситуација во Лондон. Пронајдени биле мртви мигранти во камион. Го чувме ова од повеќе телевизии. Камионот во кој биле пронајдени бил ладилник. Смртта настанала од премрзнување. Нашиот презентер вели дека мртвите мигранти биле пронајдени во ,,ладњача,,. Зошто? Зар му прилега на човек, кој е должен да го знае македонскиот јазик да прави вакви грешки! Зар му личи на презентер да не знае дека во македонскиот јазик не постојат именки, кои имаат наставка ,,ЊАЧ,, или ,,ЊАЧА,,. Текстовите на презентерот се лекторирани. Од ова произлегува дека и лекторот не го знае тоа. Обајцата отстапиле од ,,Македонскиот узус,,.  

Loading