МАЖИТЕ СЕ ЖЕНАТ, ЖЕНИТЕ СЕ МАЖАТ

ivce1Извесна госпоѓа пратеник зборува за некој проблем. Голем бил проблемот. Преголем. Вели дека кога слушнала се згранала. Се ,,згранала,,. Каде ли само го најде тој израз? Меѓу другото, и таа е претставник на оние кои ,,гинат,, за Македонија и за македонскиот јазик. Кога ќе чуе човек некоја лоша, многу лоша, непријатна вест, може да биде силно изненаден, вџашен, вчудовиден, непријатно изненаден, но госпоѓата пратеник била ,,зграната,,.

Една од најбитните компоненти на македонскиот јазик е членот. Навистина човек да се ,,зграни,, колку малку внимание се обрнува на тоа. Ќе наведеме неколку реченици што ги имаме забележано навести на нашитеа телевизии: ,,Ибраими казнет, оти го удрил судијата во глава,,. ,,Бојан Јовановски бил доведен со лисици на раце и со нови патики на нозе,,. Ова се недоследности во скопскиот говор, но тоа не смее така на официјални телевизиски емисии, на радио, или во печатот. Именките ,,глава,,, ,,раце,, и ,,патики,,, неопходно е да бидат членувани. Ибраими го удрил судијата во главата (не во глава), Бојан Јовановски бил доведен со лисици на рацете (не на раце), и со нови патики на нозете (не на нозе). Тоа се определени именки и треба да бидат членувани. Ние овде го користиме глаголот ,,доведен,,, а речиси на сите телевизии слушаме дека тој и тој бил ,,донесен,,. Се донесуваат предмети, а луѓето се доведуваат. Зборувавме за членот. Необично е чудно што тој се испушта таму каде што е задолжителен, а се користи таму каде што не треба. Колку пати сме слушнале: Господинот Јоханес Хан, Господинот Макрон, Господинот Заев, Господинот Мицкоски и којзнае уште колку такви. Титуларните именки кога одат со име не се членуваат. Треба – Господин Јоханес Хан, Господин Макрон, Господин Заев, Господин Мицкоски…. Во ваквите случаи членувањето е навредливо. Добро е што нашиве луѓе не го знаат тоа, а странците не разбираат македонски. Така, немаат сознание за нашето незнаење. За времето на социјализмот наместо господин се користеше именката другар. Тогаш беше нормално тоа да се членува – Другарот Тито, Другарот Ленин… Сега не е така и не треба да биде. Титуларната именка ,,господин,,, не се членува кога оди заедно со името. Кога е без име, тогаш се членува: ,,Го видов господинот што беше тука,,. Во голем број земји се употребува титулата ,,екселенција,,. Тоа обично за високи функционери, високи црковни достоинственици, амбасадори. Ваша екселенција, неговата (нејзината) екселенција. Замислете да се членува именката ,,екселенција,,. Би рекле ,,екселенцијата,,. Не оди, и не смее да оди, зар не? И така, каде што е потребен членот го нема, а таму каде што не треба го има. Наша работа.

Уште една грешка што досега не сме ја слушнале. Којзнае дали и некој друг ја има слушнато. Гледавме на нашата национална телевизија, или како што обично велат ,,Нашиот јавен сервис,,, атлетски натпревари. Натпреварувања во разни дисциплини. Натпреварувачи од повеќе земји. Светско првенство во атлетика. Нормално, коментаторот информира за многу нешта. Во еден момент неговото внимание се задржа на еден од натпреварувачите. Изнакажа многу податоци. Зборуваше за неговите досегашни успеси, а ни презентираше и некои нешта од неговиот приватен живот. Меѓу другото, информира дека односниот атлетичар се омажил за девојката што ја сакал. Ете така, тој, натпреварувач, атлетичарот, се омажил. Ќе повториме уште еднаш дека вакво нешто досега не сме слушнале. Веруваме дека и никогаш повеќе нема да слушнеме. Чудно е како му падна на ум на коментаторот такво нешто. Општо познато е дека жените се мажат, а мажите се женат. Еве, нашиов спортски коментатор го омажи атлетичарот.                                                                                                                                   

Loading