ПАЛЕЖНА АЛТЕРНАТИВА

ivce1Точно така. Ах, таа палежна алтернатива. Кога ќе се разбере вистинското значење на овој збор? Сме се изјаснувале и порано. Повторно се навраќаме зашто овајпат, само за еден час, ушите ни отрпнаа од слушање на овој збор. Се разбира, погрешно. Претседателот на државата свикал лидерска средба. Присутни претставници од сите парламентарни партии. Се разговарало, меѓудругото, за тоа, што треба да се прави откако не добивме датум за преговори со ЕУ. Сите, претставниците од сите партии се застапуваат за тоа дека треба да се оди по истиот пат, патот што води во Европската унија и НАТО. И еве сега, конференции за печатот, изјави, објаснувања. Сите го потврдуваат истото. Сите велат дека не постоеле никакви други алтернативи, освен влезот во ЕУ и НАТО. Колку ли пати беше употребен зборот ,,алтернатива,, од сите политичари и од сите новинари. За жал, сите тие мислат дека тој збор значи можност, варијанта, опција. Велат дека немало други алтернативи. А, вистината е во тоа дека немаме алтернатива. Сите сме единствени дека не постои, дека имаме само една варијанта, само една желба – ЕУ и НАТО. Не постои алтернатива. Алтернатива всушност значи избор меѓу две варијанти, а ние немаме избор, немаме друга варијанта, сите сме единствени, сите имаме еден избор, една желба. Алтернатива, алтернација значи замена за нешто, или едно или друго, трето нема. Не може да има повеќе алтернативи, таа е една, или вака или така. Нашиве политичари и нашиве новинари мислат дека повеќе алтернативи значи исто што и повеќе можности или повеќе варијанти. Не! Алтернатива може да биде само една. Да речеме, или сме за ЕУ или не сме. Нема трето. Ако има некакви други размислувања, други варијанти, други можности, тоа не се алтернативи. Тоа се едноставно – можности, варијанти, опции и така натаму. Зборот ,,алтернативе,, го слушаме мошне често, се разбира погрешно употребен Овојпат, по завршувањето на средбите кај претседателот, тој збор беше толку измалтретиран, толку погрешно употребуван, а тоа сведочи дека не му се знае вистинското значење. Така и никако поинаку. Нема алтернатива за тоа. Не се знае.

На некоја од нашиве телевизии гледавме емисија за проблемот се дебелењето. Со повеќето килограми кај повеќе луѓе. Гледавме некои вежби кои помагаат за намалување на тежината. Емисијата не беше од некоја македонска продукција. Тоа што се зборуваше (на туѓ јазик) ние го читавме преведено на македонски. Имаше тука повеќе објаснувања за начинот на вежбањето, за исхраната и така натаму. Некој од учесниците зборуваше дека не ослабел доволно. Неговото искажување ние го читаме: ,,Криво ми е што не скинав, повеќе килограми,,. Глаголот ,,кине,, (скине) кај нас е многу познат и мошне често употребуван, но никогаш не со вакво значење. Тој што вежбал можело да му биде криво што не намалил од тежината, што не фрлил од килограмите. Ајде, да речеме, и што не симнал повеќе килограми, но ете, нашиве преведувачи го зеле српскиот глагол ,,скинути,,, кој во буквален превод значи токму тоа, ,,симнува,,. Кај нас може да се рече дека некој има скинато палто, скинати чевли. Некој може да скине цвеќе, да скине лист хартија. Некој може да е скинат од работа. Некој некого може да скине од ќотек. Некој, за да се спаси, може да се скине од бегање. Како што гледаме многу познат и многу употребуван збор. Тој не може да се употреби во смисла дека некој скинал толку и толку килограми од својата тежина. Некој ќе се скине од смеење за ваквите грешки. Некој ќе рече дека преведувачот со ваква грешка ја скинал зелена. Токму така! Килограмите не можат да се скинат, можат да се намалат.

Loading