„ГЕОЛОШКИ ПРЕСЕК“ ОД ДАВИД АТАНАСОСКИ

izlozba david

„Геолошки пресек“ е изложбата од Давид Атанасоски што ќе биде отворена вечерва од 19 часот во влезното фоаје од Центарот. Станува збор за монументална скулптура со димензии 300х180х60 цм., составена од два дела, чија симболика го објаснува насловот. Изработена е за манифестацијата Нов културен бран.

-Преку ликовна интерпретација на геолошките деградации на земјината кора го моделирам моето уметничко дело користеќи секундарни материјали, дрвени штици и хартија. Употребата на овие репродуктивни материјали индиректно се поврзува со идејата за интеграција и имплементација на еколошките, економските и општествените тенденции во глобалниот биолошки екосистем. Комбинацијата на материјалите е позната низ градежништвото како оплати и клепиња кои се користат за шаловање на бетонските конструкции на објектите. Штиците и хартијата ги земам за основен материјал за градење на скулптурата, која на симболичен начин се поврзува со геолошките процеси на наслојување и градење на земјата. Скулптурата е составена од две накршени форми кои образуваат еден цик- цак мотив. Секоја од формите дополнително образува серија на линии и структури кои даваат дополнителна сигурност и динамика. Тектонските  нарушувања во природата сами образуваат одредена структура од  комбинација на линии и создаваат серија на цртежи со цик цак мотиви. Градежните материјали укажуваат на процесот на градење на ликовната творба поврзана со градењето во природата и наслојувањето на почвата во геолошките пресеци – вели авторот Давид Атанасоски.

Тој е дипломец на ФЛУ и создал повеќе дела.

Loading