УМОР ОД „ЗАМАРАЊЕ“

ivce1Големи беа штетите од некогашната топилница во Велес. И уште ги има. Од згурата што се собирала направен е огромен рид. Ќе се отстранувал. Тоа ќе траело 4 години. Убаво. Но, има нешто малку зачудувачко. Првата информација што ја чувме од некоја на нашиве телевизии. Отпадокот беше наречен ,,згура,,. Така треба, згура е тоа. Потоа, како по договор, речиси на сите телевизии слушавме дека тоа било ,,троска,,. Во српскиот јазик, тоа го сретнавме и во некои речници, се нарекува ,,трошка,,. Некаде го има и како ,,,троска,,. Така се нарекува во српскиот јазик. Во македонскиот, зборот ,,троска,, означува сосема друго. Тоа е тревесто растение. Латинското име гласи poligonum aviculare. Растениете нема ама баш никаква врска со оној рид од згура формиран од јаловината при обработката на оловно-цинковата руда. Троската (трева) најмногу расте во есенскиот период. Лази по земјата. Има преубава зелена боја и сосема ситни цветчиња. Расте насекаде, дури и во каменести места, во калдрми, по ендеци, а никако не во тој отпадок, во таа згура каде што не може да вирее никаков жив организам. Таа трева, троската, е општо позната. Особено ја познаваат и ја сакаат пчеларите. Таа е речиси последното медоносно растение на кое одат пчелите во есенските денови. Најпосле, да кажеме дека со тоа име е регистрирана и во нашите речници. Додека тефтерите стојат затворени, ќе се прават вакви грешки. Отпадот (згурата) ќе се нарекува троска. Најмеродавен го сметаме Тритомниот речник. Таму е токму така објаснето. Зошто некои наши телевизии, а и некои други интелектуалци го користат српскиот термин, знаат само тие.

Со Бугарија е потпишан договор за добрососедство. Не завлегува ни во апсурдноста ни во оправданоста на тој договор. Формирана е комисија (мешана) која ќе има улога да ги ,,пегла,, недоволно јасните историски факти. Имало и такви. Е, штом таа комисија ќе работи главно на историски теми, од една наша телевизија чувме дека тоа било ,,историска комисија,,. Колку таа комисија, нејзиното постоење предизвикува не многу пријатно расположение, терминот ,,историска комисија,, предизвикува и смеа. Ете, па и малку да се ораспожиме. Ако комисијата расправа за историски прашања значи таа е историска. А зошто да се вика ,,историска,,? Замислете, ако се формира некоја комисија која треба да ја испитува исправноста на сувомесните производи, според оваа логика, треба да се вика ,,сувомесна комисија,,. Ако падне град, ако направи големи штети во земјоделството, ако ги уништи, да речеме, бостаните, се формира комисија која треба да ја процени штетата. И таа, во случајов, би се нарекла ,,бостанџиска комисија,, зар не?! Апсурд!

На една друга телевизија слушнавме реклама. Следувала нова серија. Насловот на односната серија гласи ,,Ај не замарај,,. Боже, боже! Навистина човек да се замори од вакви глупости. Па што прават тие лектори?! Зар не знаат дека нашата именка гласи ЗАМОР, придавката гласи ЗАМОРЕН, а глаголот ЗАМОРУВА? Глаголот ,,замара,, (српски) нема место со таа форма во нашиов јазик. Да претпоставиме дека некој долго време се ,,замарал,, и каков ќе биде сега? Веројатно ЗАМАРЕН, нели? Повеќе денови ни ги боде очите и ни ги дразни нервите тој несреќно и погрешно преведен наслов – ,,Ај не замарај,,.

Господа лектори! Ај заморете се малку и употребете го македонскиот глагол. Од вашето незаморување, се уморивме слушајќи вакви јазични недоследности.                                                                                                                                    

Loading