ПЛАКЕТИТЕ И ПРИЗНАНИЈА ЗА НАЈДОБРИТЕ

Доделени третоноемвриските награди

12

Наградата за животно дело – Златна плакета му беше доделена на Ѓорѓи Гешоски, за неговите достигнувања и афирмација на атлетиката и развој на спортот, по повод Денот на ослободувањето на Прилеп, 3. Ноември., во големата сала на ЦК „Марко Цепенков” на свечената седница на Советот на општина Прилеп, на која беа доделени и останатите третоноемвриските награди.

– Не сум само јас заслужен за оваа награда, туку и сите мои атлетичари кои сум ги тренирал во изминатите над 50 години. Со атлетиката го прошетав скоро целиот свет. Пари од атлетика нема, меѓутоа тоа што го прошетав светот ми причинува најголемо задоволство. Бев во Пекинг, во Кина, во Канада, на Олимпијада во Минхен 1972 година. Јас во моите 83 години, десетина години отсуствував од дома, бидејќи често патував со репрезентацијата на поранешна Југославија како и со репрезентацијата на Македонија. Сакам да им се заблагодарам на мојата сопруга и на моите деца, бидејќи заради бројните патувања не сетив кога пораснаа. Освен оваа, драга ми е и наградата “Истакнат педагошки работник” која ми ја додели Педагошкиот совет на Македонија – рече Гешоски по добивањето на наградата.

Во своето обраќање, градоначалникот Илија Јованоски посочи дека Прилеп го слави делото на нашите херои, нивниот непроценлив влог кога пред 75 години го започнале последниот напад за ослободување на градот.

 – Собрани сме, гордо и достоинствено да им оддадеме почит на загинатите борци, исполнувајќи го нивниот аманет – да ја чуваме слободата и да го градиме напредокот. Со секој наш чекор да го отвориме патот кон европските перспективи и да ја преземеме обврската да продолжиме храбро, пред сите битки на новото време. За поквалитетен економски развој, современи инфраструктурни решенија, образование по евроски терк, афирмација на спортот, напредок на младите и подобар живот за сите граѓани на општина Прилеп. Мојата цел е отворање на европските перспективи и поставување на европски стандарди за нашиот град. Стандарди кои ќе значат Европа во Прилеп – рече градоначалникот Јованоски.

Освен наградата за животно дело, беа доделени и 5 плакети и 9 дипломи.

{AG}572/3{/AG}

Плакети добија: „Бимфуд”, за придонес и афирмација на стопанството во земјата и регионот; „Изофас”, за придонес од областа на градежништвото и градежното инженерство; Театарот „Чин 4 Сцена 5″, за придонес во развојот на театарската уметност; „Клубот на литературни творци”, за достигнувања од областа на литературно творештво и Џудо клубот ,,Пролетер’’ за достигнувања од областа на спортот.

Дипломи по повод 3.Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп, им беа доделени на: Злате Шуплиноски, за достигнувања од областа на медицината; Гордана Цветаноска за достигнувања од областа на новинарството; Сашо Јандрески за млад иноватор од областа на медицината; Озган Сулејманоски за достигнувања од областа на музиката; Драгослав Миноски за достигнувања од областа на образованието; Билјана Јуруковски за достигнувања од областа на фотографијата и афирмација на Прилеп; Борјан Јованоски за достигнувања и афирмација од областа на спортот; Филип Димкоски за афирмација на македонскиот јазик и образованието; Постхумно, за достигнувања и афирмација на блуз музиката во земјата и регионот, диплома му беше доделена на Александар Дворчанец – Сале.

На свечената седница присутните ја проследија видео презентацијата за реализираните проекти на Општина Прилеп во текот на 2019 година. Настап имаше групата Чалгија саунд систем.

Loading