ДИМИТРИЈА, НЕ ДИМИТРИЕ

ivce1Телевизија Канал 5. Доста гледана. Но, може тука да се видат и да се чујат доста јазични грешки. Во извесна емисија, не се сеќаваме точно која, можеби тоа беше во некои од вестите, гледаме на екранот напишано – ,,ул. Димитрие Чупоски,,. Долу на кајронот, исто така – Димитрие Чупоски. Лектори, разбудете се! ДИМИТРИЕ!!! Неможно е тоа тој да е Димитрие. Тој е Димитрија. Постојат во нашиот јазик повеќе машки имиња кои завршуваат на ,,ја,, – Димитрија, Методија, Благоја, Захарија, Аксентија и повеќе други. Најголем дел од овие имиња имаат грчко потекло. Нормално, кога влегувале во нашиот јазик правена е нужна адаптација. На пример, наставката ,,иос,, се губи и се добива можната наставка ,,ја,,. Така, Димитриос станал Димитрија. Со губењето на грчката наставка, некои имиња остануваат така, без неа – Димитри, Методи и така натаму. Бидејќи ваквите форми не се карактеристични за нашите таканаречени централни говори, се извршила морфолошка адаптација на тој начин што ја добиле можната форма на ,,ја,,. Во некои други наши говори ваква адаптација во одредени случаи не е извршена и така се задржале некои форми на ,,и,, – Методи, Димитри. Името Димитрија (Димитри) се среќава и во формата Димитар. Така се добиле по две или повеќе форми на едно исто име. Едното карактеристично за едни говори, другото за други. Се јавуваат и форми со наставка ,,иј,, – Методиј. Таа форма не е својствена и карактеристична за современиот македонски јазик, најмногу поради тешкиот изговор на гласовната група ,,иј,,. Тоа ,,ј,, на крајот речиси и не се слуша. Инаку, таа форма е карактеристична за старословенскиот писмен јазик. Ќе цитираме дел од искажувањето на Благоја Корубин: ,,Ако некои наши лингвисти ја зеле оваа форма за братот на Кирил, тоа го имаат сторено најверојатно затоа што е во прашање едно историско лице и име. Името на македонскиот универзитет ,,Кирил и Методиј,, земено е со таа форма како резултат на таквиот став на нашите еминентни лингвисти од Универзитетот,,.

Да се вратиме на името од Димитрија Чупоски. Формата на ,,ја,, е најкарактеристична за нашиот литературен јазик, како што за српскиот јазик е карактеристична формата со наставка ,,ије,, – Димитрије.

Значи, формата Димитрија (како најприфатлива), Димитар, Димитри, Димитриј се можни, но никако, ама баш никако, не може и не смее Димитрие.

Тоа е форма карактеристична за српскиот јазик, а овде, со испуштање на ,,ј,, бидејќи тешко се изговара во овој случај. А се случува, би рекле и често, да слушаме – Димитрие, Арсение, Спасое, Методие и други такви. Затоа ги спомнуваме лекторите. Недопустливо е она што го читаме од екранот на телевизија Канал 5. Тука пишуваше ,,ул. Димитрие Чупоски,,. Ајде, овде прочитавме, го искритикувавме лекторот и тоа можеби нема да се повтори. Но, ако пишува така и на табличката на улицата, тоа е голема, огромна грешка. Особено пак кога станува збор за Димитрија Чупоски. Каде му е совеста на тој што, евентуално, напишал вака.

Ја спомнавме именката ,,совест,,. Извесна новинарка, поставува прашање на позната госпоѓа пратеник: ,,Дали имате грижа на совеста,,? Редовна грешка. Совеста не може да се грижи, таа гризе, а не се грижи. За што да се грижи и како може да се грижи совеста? Совеста (кој што ја има) гризе. И вам госпоѓо новинар, треба да ве гризе. Не смеете да правите вакви грешки.

А не се само новинарите каде што грижата за јазикот е подзаспана, а гризењето на совеста е отсутно.

Loading