ПРИЛЕП ТРИ НЕДЕЛИ ТРЕНИРА, А НЕ ИГРА

Ракомет

По одложеното 1 коло пред месец ипол, еве и вторпат застој во Првата машка ракометна лига. Поради истата причина – нереализираните ваучери, клубовите членови на Здружението на прволигашите одлучило да го прекине учеството во Лигата. Екипата Прилеп иако не била член на Здружението (бидејќи до пред неколку месеци беше суперлигаш), мора да се соочи со актуелната ситуација. Одигра само 4 меча: дома со Јуниор КВ (пораз од 25-28), на гости со Алушовски (победа од 31-34), дома со Текстилец (45-24) и највредниот резултат со Македонија ЃП во Скопје (победа од 25-35). Потоа беше одложен дуелот дома со Риниа, во следното коло немаше противник поради откажувањето на Младост, а по застојот отпадна гостувањето на Вардар во Неготино. Којзнае кога е на ред мечот дома со Куманово. Штетата е и врз останатите категории: младинци, кадети и пионери. Сепак, во клубот Прилеп не запираат со активностите, очекувајќи продолжение. Сениорскиот тим со тренерот Андријано Котевски редовно тренирал во присуство на сите ракометари, вклучително и засилувањата од други градови.

За среќа, застој нема во Женската лига. Екипата Деспина ,,врза,, две победи. По успехот дома со Алушовски (33-23), следеше победа на гости со Спартак во Скопје (26-31), каде најефикасна со 10 гола беше Филипоска. Можност за нови три бода е мечот в сабота (19 ч.) во ,,Ричко,, против Гевгелија.

Loading