ЛЕЗЕТ ПЕЕЊЕ

Најпосле умре и бабата Румена. Бог да ја прости! Го пречека Ристе Тотков својот пријател и комшија Петка Сербесо и му ја пренесе веста за смртта на најстарата баба во селото.

-Че умри, не че оди жива кај Господа! Денеска она, утре, ти, другден, ја. Жив на небо, никој не ошол  – кажа Петко.

Умре бабецот со желба без поп да не ја закопуваат, макар преку 300 села да го бараат и да го најдат. Заветот е завет. Последната желба мора да се исполни колку да е тешка и скапа. За тоа немаше никаква тешкотија или скапотија. Селото имаше поп и сите кои умираа и сакаа поп да им забрчи, го викаа и ги задоволуваше тие потреби. Не беше скапотија. За закоп земаше илјадарка. Ни скапо, ни евтино. Идеше на ред. Главно, се задоволуваше традицијата. Дедото на Румена, Коле Лопата, ич не праша, колку ќе му земе попот, ама дали е во селото. Да не отишол в град или во некое друго село по некоја слична работа. Го прати сина си Ричка да види дали е дома попот. Ристе уште од портата праша:

-Невесто Стојне, дома ли дедото поп?

-Дома е, ама којзнае дали че сврши работа. Тешко е болен – одговори ќерката на попот.

Ристе влезе во одајчето каде лежеше старецот. Го поздрави, му бакна рака и му ја пренесе желбата од мајка си Румена.

-Шо че прајме, бре Ицо? Три дена сум в постела. Дали че можам да станам. Не можам да пречекорам – се жали попот, оти ќе му се лизне илјадарката од рака.

-Лесна работа. Само да си дома. Лежи дури не спремиме. Ко че бидеме готови, че те земам – рекол Ристе.

-Како че ме земиш. Не можам на нозе да стом – одговорил попот?

-Нема да стојш на нозе. Че му се качиш на Марка мој со кадилницата в раце и че ја испратиш бабата Румена до вечната куќа – го кажал Ристе марифетот.

-Така нека биде. Ама и ти че пејш, оти како да ме дери грлото – рекол попот и ја видел илјадарката в џебот.

-Че ти поможам, шо е то лав, а не помагање. На јабанџи помагам, не па за мајка ми – го успокои Ристе попот.

Коле ја закла јаловицата. Ристе нацепи дрва, донесе вода, ја запали фурната, пригоди вино, ракија и го дочекаа времето за кревање на мртовецот. Го одврза Марка и му отиде на попот.

-Попче, донесов пајтон да не се мачиш пешки пред мртовецот – рекол Ристе.

-Да не е срамота јаваница да одам пред мртовец – забележал попот.

-Поповите в град одат со пајтони, та ти можеш магаре да јаваш – убедувал Ристе.

Попот од праг му се качил на самарот на Марка, а Ристе го водел до својата порта. Дедо Коле, со уште тројца помлади, го изнеле ковчегот со десетина оки. Руменини земни останки. Тргна погребната процесија низ селото. Напред Ристе, водејќи го магарето со попот за огламник, со кадилницата в раце.

Попот почна да пее.

-Свети боже, свјати крепки…, а Ристе го придружи во песната.

По ковчегот, месарицата со тепсија печена глава, а по неа многубројните роднини и еснавки писнаа да тажат. Марко го слушна гласот од попот врз себе, па од стопанот Ристе, па сите по него, и помисли дека луѓето се натпреваруваат во викање и реши да учествува во натпреварот и ја расчепи и устата и и отпеа:

О! О! О! О! – колку грлото што го држеше.

Кога Марко го отпеа последното О, а бабите í заблазија на Румена што ја испратија до вечната куќа. Дури и мртвата ги развлече усните во блажена насмевка од лезет пеењето.

Попот фрли три раце земја со благослов и кладе в џебот илјадарка. Во торбата  сомунот и плешката од овцата и воден од Ристета си отиде дома со свршена работа и неслезен од магарето.

Loading