ГОСПОЃА (ГОСПОЃАТА) МИНИСТЕР

ivce1Еве, се случи убаво, неочекувано нешто. Поточно, би рекле, желбата била убава, но не многу точна. За што станува збор? Пријатно се изненадивме кога разбравме дека Унијата на жените од ВМРО-ДПМНЕ, односно нејзините претставнички мислеле и за јазикот, иако малку потамина. Госпоѓа пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ била, така да се рече, задолжена да го пренесе во Парламентот мислењето од Унијата. Се избираше во Парламентот Министер за финансии. Овојпат стануваше збор за госпоѓа, жена министер. Е, препораката на Унијата на жените била дека, штом станува збор за тоа, оти министер ќе биде жена, требало да се вели МИНИСТЕРКА, а не МИНИСТЕР. Рековме, убаво е што тие госпоѓи почнале да размислуваат за јазикот. Но, еве, да почнеме од називот на нивната организација – Унија на жени од ВМРО-ДПМНЕ. Треба да им биде јасно дека именката ,,жени,, задолжително треба да биде членувана. Тоа е определена именка. Се знае точно кои се тие жени. Тоа е Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ, а не на некои си непознати жени. Значи – Унија на жените, а не Унија на жени. Тоа е пак под влијание на скопскиот говор каде членот се изостава (неправилно) на многу места. Вакви грешки се прават на многу места. Како пример: Здружение на пензионери, а треба ,,”пензионерите,, (членувано). Гувернерката на Народна банка таа и таа. Треба да гласи – Гувернерот на Народна банка, госпоѓа таа и таа. Да се вратиме на почетокот. Дали треба да се вели министерка (ако е жена) или министер? Не е сосема основано мислењето и барањето на госпоѓите од Унијата на жените. Ненадминливиот Благоја Корубин објасни одамна. Тој одговара на едно прашање од извесен читател на ,,Јазичното катче,,. Вели дека има доста именки во нашиот јазик, како и во други јазици, што се употребуваат за двата пола во формата за машки род. Тоа се обично такви именки што означуваат некоја должност, професија и слично. На пример: министер, претседател, претседавач, шеф, началник, и така натаму. Кога се обраќаме кон лице кое врши некоја ваква должност, ако е лицето од женски пол, тогаш првиот збор е од женски род. Така, на пример, ако е на министерска положба жена, тогаш ќе речеме ,,Госпоѓо министер,,. Корубин ова го пишуваше уште во Југославија, кога наместо ,,господин,,, се користеше зборот ,,другар,,, но тоа ништо не ја менува работата. Во таков случај и во тоа време би се рекло: ,,Другарке министер,,. Сега, кога во нашиот Парламент се избираше министер жена, не е погрешно да се вели дека се избира министер, а не министерка. Односната госпоѓа е МИНИСТЕР ЗА ФИНАНСИИ, не МИНИСТЕРКА. Истото се однесува и за директор, претседател, и слично. Госпоѓо директор, госпоѓата директор, госпоѓата претседател, госпоѓо претседател и така натаму.

Си спомнуваме на едно време кога државен секретар на Америка беше Кондолиза Рајс. На нашиве телевизии слушавме редовно: ,,Американската секретарка Кондолиза Рајс,,. Приземно звучи ова, зар не? Тоа е Кондолиза Рајс, државен секретар (не секретарка) на Америка.

Во последно време, речиси редовно, слушаме: секретарка, претседателка, министерка, шефица и така натаму. Слушаме дури и еден друг невкус. Новинарката разговара со извесен министер и наместо да му се обрати со ,,господин министер,, таа вели – ,,министре,,. Неодамна следевме разговор со новинарка и генерал во пензија. Новинарката, исто така, наместо ,,Господин генерал,, се обраќа со ,,генерале,,.

Госпоѓо пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, објаснете им на вашите од Унијата на жените дека немаат право да бараат тоа што го бараат. Односната госпоѓа, без разлика што е жена, таа е ГОСПОЃА МИНИСТЕР.

Читајте за ова во книгата од Благоја Корубин ,,”Јазикот наш денешен,, (книга прва) стр. 84.

Loading