ТЕЛЕВИЗИСКИ ПРЕНОС

ivce1При пренос на некој спортски натпревар, обично фудбалски, учествуваат двајца коментатори. Тие треба да го пренесуваат натпреварот, но обично не е тоа така. Си разговараат меѓу себе, го даваат своето мислење за начинот на играта, како треба да игра односниот тим и безброј други коментари и податоци кои немаат врска со натпреварот што го гледаме. Ќе се случи некоја шанса, некој гол или некаков друг интересен потег и коментаторите ќе се вратат на натпреварот. Ќе кажат што ќе кажат и потоа пак си продолжуваат со некои свои непотребни коментари кои немаат врска со натпреварот.

Гледаме фудбалски натпревар меѓу Вардар и Ренова. Двајца коментатори. Зборува едниот за состојбата на Вардар. Многу играчи го напуштиле клубот, финансиската состојба била лоша И Вардар бележел лоши резултати. Вели: ,,Се надеваме дека оваа утакмица ќе биде преокрет,,. По толку години кодифициран македонски јазик, зар не е срамно да се користат овие зборови! Зар уште не сфативме дека зборот ,,утакмица,,, не е наш. Зар уште не сфативме дека кај нас тоа е ,,натпревар,,. Коментаторот очекувал дека со овој натпревар (тој вели ,,утакмица,,) Вардар ќе направел ,,преокрет,,. А што значи тој збор? Го има ли во нашиот јазик? Го нема. Го има во речникот на коментаторот. Толку ли му е непознат зборот ,,пресврт,, . Токму тоа сакаше и да го каже, дека работите во Вардар ќе се свртат во подобра насока. Токму такво е значењето на српскиот збор ,,преокрет,, но ете, коментаторот го одбрал токму тој немакедонски збор. Продолжува коментаторот. Минатата сезона Вардар не успеа да се натпреварува во некои европски купови. Вели: ,,Не е добро што Вардар не се такмичеше во Европа,,. ,,Утакмица,, , ,,такмичење,, имаат ист корен, се разбира во српскиот јазик. Наместо да жали што Вардарне се натпреварувал во Европа, тој вели дека не се ,,такмичел,,.

Зборува понатаму за лошата состојба во клубот. Вели дека многу нешта, па и играчи недостасуваат и сега работите се одвиваат ,,силом прилике,,… Каде го најде овој израз? Заборава човекот дека коментира на македонска, а не на српска телевизија. 90 минути го следиме натпреварот, а тој 90 минути бомбардира со неговите јазични специјалитети. Се прашува како можело да се подобри состојбата во клубот. Вели: ,,Ја мислам, по мене,,… и така натаму. За големо чудо, ретко слушаме и од други луѓе да речат ,, јас,,. Повеќето велат – ,,ја,, особено скопјани. Да ја доврши мислата коментаторот вели: ,, По мене треба така и така,,. Наместо ,,според мене,, тој вели ,,по мене,,. Грешка што мошне често ја слушаме од мнозина. Ако претпоставиме дека група луѓе има определено мислење за нешто, заменката ќе биде во множинска форма. И како би гласел целиот израз: ,,По нас, треба тоа и тоа,,. Или ако пренесуваме мислење од некоја друга група луѓе, дали ќе речеме: ,,По нив, треба така и така,,. Се разбира дека не. Се вели – СПОРЕД МЕНЕ, СПОРЕД НАС, СПОРЕД НИВ, и така натаму.

Така е со нашиот коментатор или коментатори. Наместо да не остават да го гледаме натпреварот и да посочуваат кој играч ја има топката, ни го одземаат вниманието со своите размислувања. Набележаните грешки се малку. Имаше уште многу. Не може човек да ги забележи сите. Ако се определиме на тоа, да ги бележиме сите, не ќе видиме ништо од натпреварот.

Loading