СЕ РАЃАМЕ СО УМЕТНОСТА И УМИРАМЕ СО УМЕТНОСТА

Марјан Стојаноски, скулптор

Marjan Stojanoski

Нашиот академски скулптор Марјан Стојаноски се претставува со прва самостојна изложба на дела од метал со циклусот ,,Феникс 2,,. Претставата е авангардна. Тоа е поводот за разговор со дипломираниот уметник на ФЛУ.

Изложувавте во други градови и надвор од земјава. Еве, и дома, во родниот град. Како го доживувате домашното деби?

Првпат самостојно изложувам во родниот Прилеп, иако ме гледале уметнички речиси во сите градови во земјава и надвор. Честа е голема, огромна и одговорна. Особено, бидејќи изложбата  се отвори на празникот 11 Октомври. Затоа задоволството е уште поголемо.

Зошто насловот е ,,Феникс,,?

Изложбата е продолжение на циклусот ,,Феникс, на кој творев минатиов период, претставен во поголемите градови во земјава. Во ,,Феникс 2,, во Прилеп се одржува континуитет на една етапа од  творештвото. Сé повеќе навлегувам  во форма и завршна реализација, како би изгледало делото на отворен простор, каде би комуницирало со публиката. Според искуството, сите очи не гледаат исто. Различно се толкува приказната околу ,,Фениксот,,. Тоа ми беше идејата. Секој да се пронајде според сопствените емоции и размислувања за делата.

Интересно е што делата во метал се ротирачки?

Металот е материјал што ми е некако најблизок, ми ,,лежи,,. Интересен е за обликување и тежок за обработка. Не е единствен материјал во кој творам. Предизвик е делата да бидат ротирачки. Оваа проблематика не е често претставена во скулптурата, оти материјалот е прилично тежок.

Делата имаат различни форми, структури. Што потенцирате?

Замислата е делата да бидат поставени на отворен простор во монументални димензии и да облагородуваат дел од градот. Делото да биде во секојдневен контакт со гледачите. Прилеп има раскошна ликовна сцена. Градот давал богатство од талентирани уметници. Прилепчани се креативци, со идеи и со смисла за хумор. Затоа има што да се види и претстави.

Претендирате уметнички да се обликува урбан простор. Потврда се двете дела поставени во центарот на градот. Колку срцето на градот е инспиративно за уредување од уметнички аспект?

Духот на Прилеп е посебен од ликовен агол. Секој дел, секое ќоше, сокаче има своја приказна и историја. Не само центрот, туку и периферијата е привлечна и мотивирачка за поставка на скулптури во монументална големина, при тоа не изземајќи го фактот дека Прилеп е единствен со постојана поставка на галерија на отворено. Прилепчани располагаат со изострен осет за естетика, живеат со духот на уметничките дела на креатори од целиот свет, со доајените на македонската скулптура. Се раѓаме со уметноста и умираме со уметноста. Се надевам дека и во иднина ќе се негува ликовната уметност, со што би создале атрактивен простор со повеќе култура и помалку политика.

Какво е чувството да се создава и да се дарува убаво?

Не знам уште што значи да се живее уметнички. Нема дефиниција. Мислам дека не постои. Да се создава дело, од било кој материјал, да се дарува љубов и дел од себе на тоа дело, и постепено да се гради и оформува, е чувство слично како мајката кога го носи своето чедо на свет. Друго е небитно во тој момент!

Претстојни предизвици?

,,Феникс,, не застанува овде и сега, продолжува. Се фокусирам на обврските на поставкава во другите градови.

Loading