НОВ РОМАН ОД БИЛЈАНА ТИНТОСКА

Biljana Tintoska so nov roman„Каде што реката го бакнува небото“ е насловот на новиот роман на писателката Билјана Тинтоска. Авторката вели дека делото се создало спонтано, брзо.

-Романот се создаде побрзо отколку што можат да се нанижат зборовите, да се преточат мислите, да се изразат емоциите. Идејата не е нова, ниту спонтана, како што спонтано дојде. Ја носам откако знам за себе, откако сум го спознала светот и животот. Растев со неа, созравам со неа, работам со неа. Тоа се повеќе идеи собрани во една единствена да се промовира возвишеноста на љубовта во сите нејзини облици. Книгата сплотува три љубови, кон дедо ми, кој има оставено силен печат врз мојата духовна база, љубовта кон Бога, на која ме учеше мојот духовен отец дедо Данило и љубовта кон младите личности, чиј правец во животот зависи од делата на постарите. Мојот живот во голема мера се сведува на искуството од тие три љубови. Книжевноста зборува чудни работи на кои не им веруваме, додека не се случат околу нас – вели Тинтоска.

Според неа, пораките на книжевноста излегуваат од длабочините на човековите срца, каде ретко човек ѕирнува ако не прочита некоја книга. Книжевноста нé вовлекува во нечија кожа, да бидеме тоа што сакаме, да вкусиме не вкусено.

-Како просветен работник, кој го предава токму предметот што се занимава со уметничката литература, посветено им се обраќам на сите млади да бидат дел од духовната убавина – посочува авторката Тинтоска.

Loading