СТРАВ КАЈ РИВАЛИТЕ: ДЕСПИНА ДАДЕ 30, ПРИМИ 1 ГОЛ

Фудбал: По 4 кола во Женската лига

Despina

Додека прилепскиот фудбал е во голема криза, светла точка претставува женскиот клуб Деспина. Приказната почна ланското лето кога иницијативата од Марјан Стојкоски, член на УО на ФФМ, ја прифати претседателот Славчо Ѓорѓијоски. Поддржани од финансиерот Витаминка и Општината, беше успешна дебитантската сезона во Женската лига, со освоено 7 место меѓу 14 тима. Летоска Стручниот штаб е комплетиран, со координаторот Николче Здравески, тренерот Диме Аџулески и голманскиот тренер Круме Митрикески. Доведени беа шест нови, од кои три сениорски репрезентативки, а задржани сите досегашни, со цел да се тргне нагоре на табелата. Првите 4 кола се ветувачки: победи со Љуботен (15-0), Топ-Гол (7-1), Шкендија (2-0) и Атлетико (6-0).

-Не само што сме посилни со засилувањата, ами и противниците така се погодија. Вакви мечеви се добредојдени во почетокот, да се уигра екипата. Од натпревар во натпревар ќе се искристализира табелата, ќе се покаже кои екипи се најквалитетни – вели Ѓорѓијоски.

Прилепскиот тим доминира на мечевите. За тоа говори гол-диференцијата: дадени 30, примен 1 гол!

Како изгледа еден меч? Деспина напаѓа, противникот се брани. Само Шкендија успеа да се одбрани во првиот дел, но потоа го ,,положи оружјето,,. Речиси сите даваат голови: Ѓорѓиоска 7, Чубриноска 6, Милеска 5, Петреска и Ефтинџиоска по 3, Стојковска и Марковска по 2, Николоска 1, а 1 е автогол. Примениот гол во Битола е последица на случајност, а младата голманка Колевска главно нема многу работа. Имаше две – три добри интервенции со Шкендија. Следен меч е со Истатов во Дојран на 11 Октомври, а потоа се уште две дерби, дома со Тиверија, во Скопје со шампионот Драгон.

-Двократниот првак Драгон е поискусен тим, кој повеќе години игра заедно во ист состав. ,,Мозок,, на екипата е Костова, поранешна од Победа, а имаат и засилувања, како Николовска од белградска Црвена звезда, Белистојаноска од Марибор. Лани двапати тие победија, но сега мечот ќе биде неизвесен. Како и да е, не брзаме. Постепено нагоре – порачува Ѓорѓијоски.

Табела: Деспина 12, Драгон и Саса по 10, Тиверија, Ас унитед и Шкендија по 9, Атлетико 6, Истатов и Топ-Гол по 4, Речица 3, Борец и Кочани по 1, Љуботен и Плачковица 0.

Многу репрезентативки

Деспина е меѓу најдобрите македонски тимови. Показател е многуте репрезентативки. Ги има во сите селекции, до 15, до 17, до 19 години и во Сениорската. Деновиве е паузата во првенството поради настапи на репрезентациите на Македонија. Следниот првенствен меч е со Истатов на 11 октомври.

Дека и во иднина клубот ќе има девојки од репрезентативен квалитет, гаранција е работата со подмладокот. 

Loading