ПАТНИЦИТЕ ИСКОЧИЛЕ

ivce1Се јави слушател од Битола на извесна контактна емисија. Револтирано вели дека најпосле сфатил оти сонцето изгревало од Скопје. Зборува за презентерите кои известуваат за прогнозата за времето. Откако ќе објаснат за тоа какво ќе биде времето во Македонија, потоа следува прогнозата за Скопје. Како да е тоа некоја друга држава. Ќе чуеме и тоа, во колку часот ќе изгреело сонцето во Скопје. Сево ова го револтирало слушателот. Би рекле, со право. Скопје, како наш економски, културен и секаков друг центар, влијае во сите области. Па и во јазикот. Чудно влијание се врши преку медиумите. Во секој дијалект постојат повеќе јазични неправилности, тоа е нормално. Но, не е нормално скопските јазични недоследности, односно недоследностите на скопскиот говор, да ги слушаме редовно на нашите телевизии, како да се тие јазична норма. Ова потсетува на еден бугарски виц. Некој човек од некое мало гратче отишол во Софија и си купил опинци. Кога се вратил во својот град се пофалил. Луѓето му велеле зошто си одел дури таму кога овде има поубави. ,,Да, – рекол човекот, – ама овие се од Софија,,. Такво нешто се случува и кај нас. Ќе се лансира некој збор (неправилен) од Скопје и веднаш се прифаќа од сите. Ајде, да не зборуваме воопшто. Ќе приведеме неколку примери.

Слушаме реченица: ,,Катица се одмара, а истрагата тапка во место,,. Глаголот е  ,,одмора,, а не ,,одмара,,. А оној, таму, несреќен израз ,,Тапка во место,, го слушаме безбројпати. Тотално незнаење за карактерот на предлогот ..во,, незнаење дека тој има и скратена форма – ,,в,,. Да објасниме. Ако станува збор за тапкање, тоа не може да биде во некој апстрактен, непостоечки простор, тоа мора да се случува во некое место. Во овој случај станува збор дека не може да се мрдне од местото, се тапка в место, а не во место. Може и ако се рече ,,Тапка наместо,, значи нема придвижување, се чекори в место, наместо. А ако се тапка или ако се чекори во место тоа е нормално, тапкањето или чекорењето мора да се одвиваат во некое место, во некој простор. Овој израз се употребува во преносна смисла. Се кажува дека е запрен некој процес, некое дејство, се тапка в место (не во место).

Се запалил двокатен автобус во Скопје. Немало повредени патници. Новинарката известува од местото. Овојпат ќе го кажеме нејзиното име и презиме. Соња Трајковска – Ставров. Таа, меѓудругото, вели: ,,Патниците искочија надвор,,. Ете, патниците искочиле надвор во Скопје. Во приватни разговори нека ,,искачаат,, колку сакаат, но тоа не смее да се користи од новинар на официјален медиум.

Инаку, за женските презимиња од машки род не можеме да коментираме. Ќе кажеме само тоа дека морници ни поминуваат кога ќе помислиме во кој правец се движи нашиов јазик. Ќе рече некој (и рекле) дека во имињата и во презимињата на луѓето никој не може да му се меша. Тоа бил личен избор. Да! Кај нас владее демократија. Секој си може како што си сака !!!

У ште еден скопски ,,специјалитет,,. Извесна емисија за приватните производители. Се донесол закон според кој тие ќе можат да ги продаваат своите производи директно во маркетите. Не се разбираме многу во таа проблематика, но ќе споменеме некои од производите кои ќе можеле да се продаваат на таков начин. Меѓу другите ќе го споменеме сирењето, некои производи од овошје, месни производи меѓу кои така ќе можеле да се продаваат и чварки. Уште еден скопски ,,специјалитет,,. Општо познато дека во македонскиот јазик тоа се ,,џимиринки,, а не ,,чварки,,. Се викаат уште (понекаде) и ,,пршки,, бидејќи се добиваат со пржење на сланината. ЧВАРКИ е погрешно, но ете, нели е од Скопје.

Loading