ТЕЛЕТО СЕ ПЕЧЕ НА ВРВОТ ОД ТОПОЛАТА

Две – три бежиња разбрале за итроштините на Итар Пеја. Таман дошол Пејо во Прилеп на пазар, го нашле да го насамарат. Му рекле:

-Да се обложиме дека не можеш да преседиш ноќеска на ќерамиди. Ако преседиш, ќе ти дадеме сто лири.

Било зима и многу студено, та бежињата мислеле дека Пејо не ќе се согласи. И ако се согласи на јасникот, нема да остане жив. Пејо го скокоткале ребрата за сто лири и си вели:

,,Сиромав сум, па сиромав. Ако останам жив, ќе í речам збогум на сиромаштијата. Ако умрам од студ, ќе се спасам. Жив или умрен, на ќар сум!,,. И решил да се обложи.

Го качиле ноќта на ќерамиди на куќа. Ни сакме, ни гуне, ништо не му дале. Тресе вилици, тенџере клинци и плочи цела ноќ. Пукна зора, се осамна, достиска душа и не умре! Бежињата гледаат – чудо. Пејо мртка на ќерамиди. Слегол кутриот, се порастрчал нагоре – надолу да му се пуштат дамарите, да се затопли и отишол да ги бара парите. Овие зачудено му велат:

-Како остана жив? Напали оган на ќерамидите, што ли?

Пејо се брани, па им вели:

-Ни оган запалив, ништо. Давајте ги парите, не мајтапете се со сиромав!

Бежињата сакале да измрдаат, а Пејо да ги земе заслужените сто лири.

-Си се греел негде!

-Не сум ни видел оган.

-Си се топлел?

-Јок.

Едно од бежињата праша:

-Ич нигде не виде оган ноќеска?

-Видов негде во планината под Крушово?

– А,а,ах!. Си се греел, ќерата, цела ноќ, па сакаш од нас пари да земаш? Сиктер да не ти ги скршиме коските.

Пејо, сиромав, кинисал со плач. Се греел од 30 километри далечина. Но, кај е силата, нема правдина.

Со време бежињата ги донесол ѓаволот на лов по Мариово. На Пејо му текнало за подигравката. Намислил да им врати мило за драго. Ги викнал на ручек! Тие одвај чекале мувте ручек, па ракија, алва, и то послужени од младата Пејовица.

И кај Пеја, се врткале, се шуткале, а домаќинот носи ракија, кафе и излегува набргу да види дали е готов ручекот. Минале 12 саатот, а ручекот уште не е готов. Помина едниот, па двата, па трите, ручекот никако да втаса!

-Ајде бре ќерата, носи горучекот – побарале бежињата

А Пејо под мустаќи и им вели:

-Уште малку. Се пече телето – излегол да види.

Им се свило цревцето за јадење на бежињата, и станале да видат каде се пече или вари ручекот. Пејо ги одвел под една топола во градината. Таму напален оган, а нигде нема котел да вари, ни ражен да се врти, ниту пак нешто да мириса на манџа.

-Каде е телето, певземек – се налутиле бежињата.

А Пејо им вели:

-Ене го котелот од телето – и им покажа со главата на врвот од тополата. Уште малку не е доварено месото!

Бежињата се налутиле и се токмеле да го маваат за лагата:

-Кај се видело и чуло, на врвот од тополата месото, а под тополата оганот, па да се свари?

-Како што се греев јас на ќерамиди во Прилеп од огнот во Крушево?! Дајте го парите, зашто сите ќе ве исколам – им се заканил Пејо, и го извади својот анџар од чорапот.

Бежињата ги одврзале ќесињата, дале сто лири и заминале гладни дури до Прилеп.

Loading