БРЕГАЛНИЦА И БЕЛАСИЦА СЕ ИЗДВОЈУВААТ

Фудбал: Втора лига – Исток

-Победа со две лица

Pobeda

По првото второлигашко коло се рашири надеж дека екипата на Победа, иако подмладена и со речиси комплетно нов играчки кадар (од лани се само Вецески и Гешоски), ќе може да се замеша во борбата за горниот дел од табелата. Така беше по триумфот од 2-1 над Саса. Но, спротивно е расположението по вториот меч дома, со Беласица. Иако прилепчаните беа засилени со бекот Колевски, гостите беа убедливи и победија со 0-3.

Што да се каже за прилепскиот состав, освен дека се претстави со две лица. Треба да сочекаме уште неколку кола за да биде појасно каков квалитет има екипата во споредба со конкурентите. Следи гостување на Кожуф во Гевгелија, тим кој двапати изваде нерешено, дома со Тиквеш и на гости во Пехчево, а пред еден месец во пријателски меч на Могила со 1-2 ја совлада Победа.

Првите две кола покажаа дека два тима ја оправдаа улогата фаворити: Брегалница и Беласица. Штипјаните немаа проблем со Плачковица во Радовиш, која ја совладаа со 2-4 и дома со Осогово, ,,прегазено,, со 5-0. Струмичаните се единствени без примен гол, со оглед на победите од по 3-0, дома со Пехчево, на гости со Победа. Засега овие две водечки ги следи Тиквеш, со реми во Гевгелија и победа од 3-1 дома со Плачковица. Останатите тимови покажаа слабости. И Питу Гули (засилено со Андреевски, кој беше на спиокот од Победа), по победата во Кочани, со 4-1 загуби во Каменица. Без бодови се Плачковица и Осогово, екипа која како да ,,летна в облаци,, по куп-триумфот над Победа.

В сабота (16 ч.) интересно ќе биде на Могила: Питу Гули – Брегалница.

Loading