ПЕЈО ЗА БЕЛГРАД

Што работа Пејо дури Белград. Тргнал од Мариово, се разбира, пеш. Кинисал од селото Витолишта. Станал ранорано, првите петли кога пропеале, ја нарамил мариовската торба со лебец и биено сиренце и ја летнал потемница. Ги разбудувал подрума заспаните камења, ги плашел зајаците што денуваат крај патот, и по 6-7 саати стигнал во Прилеп. Мртов уморен и гладен. Нашол свој мариовец да здивне, да се одмори. Па ако е кабил нешто и да поткасне и да се напие. И го послужила среќата. Пријателот имал мили гости, та Пејо натрапал на богата гозба.

– Повели, Пејо, касни си! Напи се, не срами се – го канел пријателот како секој домаќин гостите.

Пејо поткаснал и се поднапил, дури преку доста. Ја направил главата тамбура, та заборавил дури и кај тргнал.

Неколку минути пред да дојде возот од Битола се сетил и рипнал на станица. Се качил без карта. Бидејќи немало место се шмугнал во ходникот на првата класа. Само едно купе со тек седиште било празно. Му светнале очите.

-Овде може да има спиење – си рекол и го дочекал кондуктерот.

-Шо бараш ти овде – му се врекнал.

-Да се омирисам од господштилаков – потфрлил Пејо.

-Да не се господини и ти – го задевал кондуктерот.

-Само ноќеска – одговорил Пејо и му кажал дека не стигнал да извади карта.

-Убаво те фатив и тебе еднаш. Пукна казна 100 динари. За каде патуваш?

-За Белград!.

-Уште полошо. Шо подалеку, то поголема казната.

-Че платам, но сакам и затвор да лежам нојческа – рекол Пејо кроејќи план како да се наспие.

– Сакаш да те предадам на спроводникот?

-Каков спроводник. Ти че ме затвориш – му ги покажал двете стодинарки.

-Земи ги, види и ти некој ал. Ја да одлежам до утре во празното купе. Затвори ме, и готово – му рекол.

-Како да те затворат. Тоа е резерва за некој голем човек. Ако се качи некој бан, генерал, посланик…

-Владика може – воскликнал Пејо.

-Па… и владика!

-Ете, ја че бидам нојческа охридскиот владика Николај. Тој секош сам патува. Не трпел жени крај него во возот. Ме затвориш внатре, а ја че го тргнам пердето, че се наспијам, а ти, клоп – двете стотки. Ај отварај, шо се чудиш – му рекол Пејо.

Кондуктерот се насмевнал под мустаќ, оти две стотки биле бајаги пари. Се согласил, но само до Ниш, бидејќи се сменувал со друг кондуктер.

-Лесно. Че му речеш дека се вози охридскиот владика, и, ај со здравје. Че спијам до Белград. Таму че кројам други курназлаци – рекол Пејо.

Така направиле. Кондуктерот му го отклучил купето, а Пејо му ги дал двете стотки, го тргнал пердето на џамот од вратата и се кутнал да спие.

Во Ниш се сменил кондуктерот и на колегата му рекол дека во малото купе се вози владиката Николај. Тој да не отвара до Белград, никој да не го вознемирува.

На белградската станица кондуктерот пред вратата го отворил купето, спремајќи се рака да му баци на владиката. Пејо се мушнал и ја стрештил по ходникот. Кондуктерот помислил дека владиката повел некој селанец, оти знаел дека бил малку чуден човек. Но кога погледнал кондуктерот внатре, се изненадил и луто се стрчал по Пеја, викајќи:

-Ти ли си охридскиот владика мајку ли ти сељачку…- ама Пејо веќе рипнал и се загубил во народот.

Loading