ФАШИЗАМ

ivce1Фашизам! Често употребуван збор. Дали го знаеме значење? Под тој поим, мнозина подразбираат нешто лошо, нешто грдо. Се сеќаваме на еден момент од еден фудбалски натпревар (во Прилеп некогаш се играше фудбал, нели), еден играч од противничката екипа играше мошне грубо. При еден таков груб фаул судијата му покажа црвен картон. Тој тргна кон соблекувалната, а извесен гледач, колку што го држи грлото вика – ,,Фашист, фашист!,,. Што мислеше со тоа, не знаеме. Тој го изразуваше својот револт за нешто неубаво, лошо, за грубата игра. Сме слушале и препирка меѓу брачна двојка. Средовечни луѓе и би рекле припрости. Сопругот, доста нервозно í вика на жената: ,,На татко ти си се истерала, и тој беше фашист како тебе,,. И тој, веројатно мислеше на некои лоши особини од жената, но колку имаат тие врска со фашизмот, тоа е друга работа.

Пред некое време ни се случи нешто необично, незамислесно. Не среќава познајник. Ни пристапува и вели: ,,Знам дека пишуваш нешто за јазикот, кажи ми што значи зборот фашизам,,? Се најдовме во небрано. Ниту сме размислувале, ниту пак е можно така набрзина да се даде некој точен одговор. Му објаснуваме на човекот дека е тоа општествен поредок каде што се воздигнува една нација, а другите нации и раси се потценуваат. Му објаснуваме дека тоа е екстремен национализам. Му зборуваме за Хитлер, за националсоцијализмот и за друго што ни доаѓаше на ум. Зборот фашизам има италијанско потекло…, а човекот е незадоволен. Вели дека гледал емисија на ТВ. Извесен висок интелектуалец (како што вели тој) зборувал за проектот ,,Скопје 2014,,. Велел дека тоа е фашизам. Новинарката го прашала зошто е тоа така, а тој одговорил дека штом ќе им го одземеш на луѓето просторот за движење тоа било фашизам. При тоа, мислел на споменикот Воин на коњ, на просторот што го зафаќа им е скратен на луѓето. Продолжува човекот и вели: ,,Дали е фашизам тоа што во пешачките зони во градов се изградени толку многу пластеници кои ни го одземаат просторот за движење,,. (Летните тераси пред угостителските објекти тој ги вика пластеници). Добро. Се разделивме со човекот со увереност дека тој остана незадоволен. Не можевме да направиме ништо повеќе, зашто разговорот веќе престана да личи на јазична тема.

Пред некој ден стапнавме, што би се рекло на своја почва, на свој терен. Се појави јазична недоследност што може да предизвика смеа па и критика.

Во претходниве редови стана збор за пешачките зони. Но тие веќе не личат на тоа. Освен ,,пластениците,, тука се движат луѓе со велосипеди, со мотори, а неретко и со автомобили. Просторот спроти новата катна гаража, кај споменикот на Пере Тошев беше предвиден за пешачка зона. Набрзо стана паркиралиште и место за улични продавачи. Пријатно се изненадивме кога едно утро го видовме тој простор чист и испразнет. Поставена е табла на која пишува – ,,Пешачка зона,, а веднаш под тоа – ,,Освен за станарите,,. Убаво е што просторот си ја враќа функцијата, но текстот на таблата предизвикува смеа. Дури заслужува подбив. ,,Пешачка зона, освен за станарите,,. Што се разбира од овој текст? Значи, сите луѓе тука ќе можат да се движат пеш, освен станарите. За нив не важи тоа, за нив тоа не е пешачка зона. Тие веројатно ќе летаат. Ако размисли човек малку повеќе ќе му текне што би требало да значи овој натпис на таблата. Во пешачката зона постојат и станбени објекти во кои живеат луѓе. За тие луѓе нема да биде забрането движењето со моторни возила. Ако веќе не се напишал текст кој може да го објасни ова, можело да се постави сообраќаен знак кој ќе покажува дека е забрането движењето на моторни возила, а под знакот да стои текст – ,,Освен за станарите,,. Вака како што е напишано значи дека сите можат тука да се движат како пешаци, но не и станарите. Смешно! Зар не?

Еве и еден друг чуден натпис. Убаво амбалажирано битолско млеко. На амбалажата пишува дека е наменето за оние со богат вкус. Каков ли е тој богат вкус! Вкус е чувството кое се јавува во устата при допир со некоја материја. Горчлив вкус, кисел, пријатен, лош и така натаму. Може да се употребува и во други ситуации – вкус за облекување, вкус за естетско препознавање на нештата – вкусно нареден излог и така натаму. За богат вкус досега не сме чуле !

Loading