ЕПИДЕМИЈА

ivce1Зошто е тоа така? Како епидемија. Ќе почне од некаде и потоа се шири. Се пренесува на сите медиуми. Особено кај електронските. Речиси редовно, во сите ТВ го слушаме тоа. Наместо придавка се употребува заменка. Ќе наведеме неколку примери. Ќе имало средба помеѓу Заев и Ахмети. Во врска со претседателските избори било тоа. Ќе имало таква средба, таков разговор и новинарката се прашува: ,,Кои се очекувањата, кој ќе биде резултатот од разговорите,,? Зар ова не е нелогично? Ќе имало разговор и сега се чека резултатот од разговорот. Каков ќе биде тој? Каков ќе биде резултатот? Токму така, каков резултат ќе произлезе од тој разговор? Е, ама, новинарката не вели така. Таа вели ,,Кој ќе биде резултатот,,? Нелогично!

Слушаме редовно прогноза за времето. Презентерката, откако ќе даде некои општи назнаки за временската состојба во земјава и во Европа, на крајот вели: ,,Да видиме кои ќе бидат прогнозираните температури за наредните денови,,. Се повторува истата грешка од претходниот случај. Нé интересира какви ќе бидат температурите во наредните денови, а не кои ќе бидат. Нема тука некаков избор на температури па ние да избираме или да ги присакуваме овие или оние. Меѓу другото, кај сите презентери за прогнозата за времето, слушаме и други јазични грешки, но сега нема да се задржуваме на нив. Да продолжиме со погрешните прашања. Дебатна емисија. Водител и соговорник. Темата за определена проблематика која сега не не интересира. Водителот прашува: ,,Кое е вашето мислење за тој проблем,,? А за што станува збор? Овде главното е да разбереме, да дознаеме, што мисли за тоа односниот господин. Какво е неговото мислење за тој проблем. Но, ете, новинарот прашува: ,,Кое е вашето мислење,,. Како тука да има презентирано повеќе мислења па соговорникот треба да каже кое е неговото. Едноставно, прашањето треба да гласи: ,,Какво е вашето мислење,, а не ,,Кое е вашето мислење,,.

Експониран новинар. Водител, коментатор, и се обраќа на својата колешка која треба да известува од местото на определен настан. Неговото прашање гласи: ,,Ивана, кои се информациите,,? Значи, се чека да се јави новинарката и да пренесе некои информации од местото на настанот. Чекаме да чуеме какви ќе бидат тие информации. Не може, неправилно е да се прашува  ,,Кои се информациите,,. Нас не интересира како се одвивале работите, што се случувало на определениот настан, каква била ситуацијата. Не станува збор за тоа дека таму има некаков збир на информации, па сега чекаме новинарката да ни пренесе некои од нив. Накусо, прашањето треба да гласи: ,,Ивана, какви се информациите,, а не ,,Кои се информациите,,. Сме слушнале и едно вакво прашање: ,,Кој е интересот на пратениците,,? Овде не интересира што мислат пратениците, за што се интересираат, каков е нивниот однос спрема одредена проблематика или состојба. Зар не е логично да се рече: ,,Каков е интересот на пратениците,, а не ,,Кој е интересот,,.

Голем е, преголем е бројот на ваквите грешки. Да споменеме и една друга појава што се шири како епидемија, особено меѓу политичарите. Кога треба да се каже за некој настан кој се случил во некоја година, на пример во 2015, тие велат две и петнаесетта или две и десетта и така натаму. Тенденцијата за пократко изразување секогаш е присутна и треба да биде присутна, но овие изрази сепак се нелогични.

Еве, слушаме на ТВ. Излетале неколку вагони од шините, некаде во близина на Куманово. Не се знаеле причините. Се знаело само тоа дека е направена голема штета. Допрва треба таа да се проценува. Новинарот вели: ,,Не се знае која ќе биде штетата,,. Нелогичност, па дури и глупости. Не се знае колкава ќе биде или каква ќе биде штетата, а не која ќе биде!                                                    

Loading