ЖЕНАТА МОЈА – ДЕТЕТО ТУЈЏО

Пејо пресекол еден даб во својата нива, ама немал шумска дозвола. Го фатил шумарот и му поднесол пријава до судијата во Прилеп. Пејо добил покана. Во судот му ја подал поканата и го замоли судијата да му каже зошто го вика и да гледа побргу да го пушти да си оди оти го чека Пејовица болна.

– Си направил Пејо прекршок. Зато ќе одговараш. Седни на црната клупа таму – му рекол судијата и почнал да го бара пејовиот предмет.

Пејо се вознемирил уште не седнат и почнал да се брани.

– Другар судија, кај сум можел јас толкав даб да прекршам. Лаже шумарот. Го пресеков со секирата од корен. Види, види што беање ми вади. Сум прекршил онолкав даб – почнал Пејо да се чуди и да се крсти, па како за себе си промрморил.

,,Сигурно казната е поголема ако го скрши човек дрвото, отколку да го пресече со секира. Затоа така напишал тој пеземекот, шумарот,,.

Судијата го нашол предметот и видел што е работата и му се обратил на Пеја.

– Те тужи, Пејо, шумарот ваш. Си го прекршил нешто законот за шумите.

Пејо се направил уште покисел во лицето. Издивнал длабоко и испуштил тажен дебел глас.

– Ајдеее, што ми наврзал тој ајзус, шумарот – му рекол на Пејо на судијата.

– Лаже тој шумарот. Кај се видело и чуло да се крше закон? Да пишал, оти сум го искинал законот, да му веруваш. Книгата се кине. А тој вели дека сум го искршил законот. Се кршела книга, џабе? Прво вели дека сум  искршил онолкав даб, вели сум го искршил законот што е напишан на книга. Жити здравје, уште што сум искршил? Да не сум ја искршил и баба му случајно, па и за неа да ме тужи?

Судијата го погледнал итроманец Пејо и си припомнал за некогашниот негов имењак од Мариово, па си помисли во себе.

– Не сум јас, Пејо, некогашниот прилепски кадија да ме возиш, ти на твојата кола, не! Че ти кажам што си искршил, а што си пресекол – рекол судијата и продолжил.

– Те тужи шумарот дека си пресекол еден даб без шумска дозвола и со тоа си направил и прекршок на законот. Ете што. Признаваш, нели?

– Оти го пресеков, го пресеков, другар судија. За то суди ме. Ама, да не ми го товариш другото шо го викаш прекршок. Дабот беше во мојата нива. Шо сакам, че му прам. И за то имам некој кабает – прашал Пејо

– Има, Пејо, има. Нивата е твоја, а дрвата се под заштита на државата и без одобрение не смее никој да ги сече – рекол судијата.

– Сега разбрав! Демек, че ме казниш за дабот што го пресеков во мојата нива?

– Ќе те казнам, де! Нели ти реков дека дрвата не се твои.

– Ами за шо плајчам порез на нивата?

– Данок плаќаш на земјата, а дрвата се башка есап!

– Уше ова не сум го чул. Овцата моја, а руното туѓо. Да не речам, жената мојата, а детето тујџо. Казнувај, стопанка му, ако е така…

Loading