ПРВПАТ ВО ИСТОРИЈАТА: ПОБЕДА САМО СО НОВИ ИГРАЧИ!

Фудбал: Подготовки за Втора лига – Исток 

Стари се единствено Гешоски и Д. Спиркоски

Pobeda

Понеделникот попладне се случи почетокот на подготовките на Победа за претстојното првенство од Втората лига – Исток. Беше мошне пријатно изненадување, оти немаше конкретни информации за некакви активности во клубот. По кусиот состанок во соблекувалната од стадионот ,,Гоце Делчев,,, првиот тренинг беше одработен на игралиштето кај Могилата, а со учество на петнаесетина фудбалери. Следниот ден, на теренот со вештачка трева, нивниот број се зголеми на близу 20, а со најава дека имало желба за приклучување и на други. Првиот впечаток е добар, затоа што фудбалерите иако сами, налукуваа на организирана група, облечена во речиси истобојна опрема. Важно е што почна, а натаму треба од ден на ден да се средуваат работите, детаљ по детаљ.

Во врска со играчкиот кадар, интересно е што сите до еден се прилепчани. И уште нешто необично. Првпат во историјата на клубот (не само во Победа АД, ами и постариот СД Гоце Делчев – ФК Победа) безмалку сите играчи се – нови! Старите првотимци заминаа, почнувајќи од странците и оние што беа од другите македонски градови. Заминаа и домашните, прилепски првотимци кои прифатија понуди, како Б. Спиркоски и Л. Трајкоски, во Македонија ЃП, Карчески во Силекс, М. Наумоски во Брегалница Штип, Ј. Наумоски во Тиквеш, Д. Котевски во Охрид… Така, засега, од стариот состав со регистрација во Победа АД се само најискусниот Гешоски и младиот Д. Спиркоски. Новите не се непознати имиња, туку фудбалери што настапуваа во Партизан Обршани, Осогово Кочани, Напредок Крушеани, Вардар Неготино. Има некои кои потекнуваат од школата на Победа, како Петроски, Андреевски, С. Спиркоски, Ф. Димоски, Каралиоски, Х. Митрески, Карапеев, И. Ристески, Бунтески, Д. Наумоски. Се очекува приклучување на поискусни и докажани играчи, како Димитриоски и Дунимаглоски.

Фудбаските љубители се во исчекување. Низ разговорите често се предвидува црн епилог, згаснување, оти нема многу официјални информации.  Уште се отворени прашањата за финансиерот на клубот, дали ќе биде приватна компанија или тој товар ќе падне само врз Општината. Ако биде моќен приватник, можен е поголем буџет, така што следува обезбедување услови и избор на квалитетен тренерски кадар, кој ќе прави селекција на играчите. Така и амбициите би биле повисоки. Но, како што стои сегашната неизвесна ситуација, не се исклучува и поскромен буџет. Во тој случај не доаѓаат предвид засилувања од страна, туку потпирање на млади домашни фудбалери, од кои не може да се бара највисок пласман, ами само опстанок. И опстанокот не е нешто прескромно, бидејќи се обезбедува само со пласман до петтото место. Така е оти претстои реформа во системот – од две ќе се прави една втора лига. 

Играчите го сторија своето, со потег за пример. Сами се собраа и тренираа, давајќи порака дека Победа не смее да згасне. Истиот напор се очекува од сите други што им мислат добро на Победа и Прилеп.

Повеќе кандидати за тренер

Можеби изненадување е и ова што се зборува дека за тренер на Победа АД конкурирале повеќе кандидати. Или штом има голем интерес за тренерското место, тогаш има нешто позитивно што доаѓа за организациската поставеност во клубот. Се споменуваат имињата на Мегленски, Овезоски, Петрески и други. Не е исклучено тренер да биде и од друг град.

Инаку, првите тренинзи ги одржувал кондициски тренер, Сребре Стефаноски.

Котизација и распоред

Деновиве се очекува ждрепка со распоред на натпреварите за Втората лига – Исток. Дотогаш добро е навреме да се уплати котизацијата од 8000 евра, сума што не би требало да биде проблем за клуб како Победа, иако се случи неколку помали клубови да откажат. Наместо Дојранско Езеро, Тиверија и Детонит јуниор, се пријави Саса Македонска Каменица. Според ова, Лигата ја сочинуваат: Победа, Беласица, Брегалница Штип, Саса, Кожуф, Осогово, Пехчево, Питу Гули, Плачковица и Тиквеш.

Сезоната стартува со Купот, на 21 август, а првенството на 24 август.

Loading