МНОГУ ПРОФЕСОРИ – МНОГУ ГРЕШКИ

ivce1Слушнавме на некоја од нашиве телевизии зачудувачки податок. Дури и не мора да е точен. Нека е приближно така, сепак е зачудувачко. Чувме дека во Македонија постојат толку факултети колку што има и средни училишта. Навистина зачудувачко. Тоа не е директна тема за она што сакаме да пишуваме. Но, од тоа произлегуваат некои податоци со кои го потврдуваме она што сме го кажале и порано. А што е тоа? Грешките јазични, деформитетите во синтаксата, произлегуваат од тие луѓе, од интелектуалците, а не од обичниот човек. Во последно време гледаме многу дебатни емисии. Речиси и да нема таква, а да не биде гостин или гости, универзитетски професори, високообразовани личности, интелектуалци.

Министер(ка) од нашата Влада ја објаснува оправданоста дека Заев ќе обавува две функции  – Премиер и Министер за финансии. Не навлегуваме во тоа. Чудно е зошто уште нашиве луѓе не разбраа дека на глаголот ,,обавува,, не му е тука местото. Сме слушнале многупати да се рече дека тој и тој се бави со таква и таква работа. Во нашиот јазик глаголот ,,се бави,, означува дека некој бавно ја извршува работата. Затоа, не може да се рече дека некој ќе ,,обавува,, две функции. Ќе ,,извршува,, а не ќе ,,обавува,,. За ова сме се изјаснувале и порано, но чудно и крајно неоправдано е луѓе од такви високи позиции да не го знаат тоа.

Долгогодишен новинар и аналитичар објаснува нешто за успесите на нашите спортисти. Во еден момент вели дека Шабан Трстена ја донесол првата златна медала. Многу наши луѓе уште го упоребуваат терминот (српски) ,,медалја,, а пишуваат ,,медаља,. Нашиов новинар го користи српскиот термин, но, ете, насетил дека завршокот ,,ља,,(лја) не оди во нашиов јазик и го ,,помакедончил,, и вели ,,медала,,. Зар уште не сфатил и тој и таквите како него, дека во македонскиот јазик е ,медал,, (машки род), а не ,,медала,. Множинската форма е ,,медали,,. Значи, Шабан Трстена го донесол првиот МЕДАЛ, а не МЕДАЛА.

Еве повторно универзитетски професор. Објаснува за некои проблеми и вели: ,,Не можеме да искачаме со ваква теза,,. Не зборуваме за карактерот на тезата но навистина вчудовидува употребата на глаголот ,,искачаме,,. Точно е! Во скопскиот жаргон се вели така, тоа не е чудно да го чуеме на Бит-пазар, но на телевизиска емисија од универзитетски професор тоа е недопустливо. о истата емисија професорот објаснува за некој проблем и вели: ,,Тоа е во главном така и така,,. Каде ја најде таа испакуличена падежна форма ,,во главном,,? Тоа е ,,главно така и така, а не ,,во главном,,.

Некаде во валандовско ќе се градела акумулација и на таков начин ќе имало доволно вода за наводнување на земјоделските површини. Одлично. Навистина убаво. Со восхит го објаснува тоа извесен инженер. Вели дека досега се обезбедувала вода исклучиво од бушотини. Ете, не му е јасно дека глаголот (српски) ,,буши,, кај нас гласи ,,дупчи,,. Слушнавме искажување и од извесен производител на земјоделски култури. И тој радосен за ваквата градба. И тој, како инженерот, објаснува дека досега со вода се снабдувале само од бушотини, а дека сега состојбата ќе биде многу подобра. И тој како инженерот вели – ,,бушотини,,. Тоа се едноставно бунари, а бунарите се копаат со ,,дупчење,, а не со ,,ушење,,. Но, штом инженерот, интелектуалецот вели така, нормално е и обичните луѓе да “купуваат ” од него и да мислат дека така треба.

Еден друг универзитетски професор објаснува нешто за извесни научни трудови, вели дека тие требало да бидат ,,пропратени,, со… Уште еднаш за српскиот глагол ,,прати,,. Тој кај нас може да гласи ,,следи,, (следи некого, следи предавање) и ,,придружува,, (ја придружува дамата, придружно писмо). Вакви грешки слушаме често. Се навраќаме повторно на оваа грешка, зашто ја слушаме од универзитетски професор. Глаголот ,,прати,, кај нас има сосема поинакво значење – прати писмо, прати порака и слично.

Колку средни училишта, толку факултети и којзнае колку професори и којзнае колку јазични грешки.       

Loading