СЛИКИ ОД АЛЕКСАНДРА БОГОЕСКА

Изложба

„Емоции – допир со природата“ е тематската изложба на слики од Александра Богоеска, што вечерва од 20 часот ќе биде отворена во ликовната галерија на ЦК ,,Марко Цепенков,,. Ова и е прва самостојна изложба на Богоеска во родниот град.

-Таа храбро и сигурно исчекорува во сферата на ликовната уметност. Плодниот творечки опус од скулптури и мозаици, уметникот го надополнил со уметнички сликарски платна – посочува Викторија Димеска, историчар на уметност.

Нејзиниот ликовен израз е проткаен со симболизам. Посебноста во творештвото се согледува во умешноста на пренесувањето на интимните индивидуални, емотивни и психофизички состојби преку различен симболичен  јазик. Фигурата í е најчесто робустна и монументална, а бојата е лирична и експресионистичка.

-Преку поставувањето на симболите во композицијата, како што се јаболкото, лотусот, волкот, пеперутката, цветниот венец, уметникот успеал да го доближи и да го соочи набљудувачот со надреалистичната фантастичната, имагинарната и ирационалната страна на човековата свесност. Симболите го поттикнуваат разумот да ги одгатнува скриените суштествени пораки, а колоритот со сопствената топлина дава чувство на пријатност, кое го поттикнува, понесува и вовлекува љубопитниот набљудувач во различни мистични витли и јами во сферата на имагинацијата и фантазијата – вели Димеска.

Богоеска дипломирала на ФЛУ во Скопје. Имала групни изложби во Македонија и во странство. Учествувала на повеќе колонии низ земјата и во Србија. Освен слики, изработува скулптури, мозаици…

Loading