ЦМОК НА ПОПОТ

Како што бидува обично, главните жленички линии секогаш се многу натрупани со патници, та се случило и овојпа Пејо попаднал во едно купе преполно со патници. Застанал простум на сред купето. Прашал дали некој од патниците ќе слезе на некоја од блиските станици. Сите одговориле дека патуваат далеку, та немало изглед Пејо да седне.

– Ај анасени… Како да си направам место – се прашал Пејо во себе и ја изгледал убавата млада жена седната во аголот крај прозорецот.

– Ќе ја истерам неа и попчетодо неа. Само да влезе возот во првиот тунел – си заклучил Пејо и го зачекал првиот тунел.

До младата убава жена седел еден млад поп. Пејо забележал дека попчето скришум ја набљудува со особено внимание и í дава и по некој мигновен ишерет. Ама убавицата не му го прима, а попчето ја мазнело брадата и мустаќите, правејќи нови ишарети. Ги трлкало прстите како за пари броење, ги одвојувало двата прста, па трите и најпосле целата дланка. Госпоѓата секогаш ги свесувала веѓите. Му давала на знаење дека не се согласува на предлогот. Најпосле попечето почнало да си ја мазни брадата со обете раце. На Пеја му се сторило дека госпоѓата ја наведнала главата и се понасмевнала. Значи, попуштила на поповите настојувања. По кусо време возот влегол во првиот темен тунел.

Ни пет, ни шест, Пејо му се приближил на попчето и… цмок, му залепил еден дискретен бакнеж на левиот образ.

На попот му се сторило дека жената го бакнала и ја побарал нејзината рака. Ја фатил и почнал да ја потстиснува помалку. И таа го фатила попот за рака, но не да го потстиснува, ами добро го стегнала и така ја задржала во нејзината додека возот не излегол од тунелот. Попот се дрпнал, се тегнел пред да излезе возот, но жената не го пуштала. Кога возот излегол на видело, таа му се нафрлила со триста погрдни зборови. Попот се видел во чудо, та на нејзините галатења и пцости почнал и тој:

– Ами зашто ти ме бакна, мори ороспијо, кога не си сакала, а?

– Кој те бакнал, бре прчу ниеден, разбеснет?

– Ти, кој друг…

Жената се посрамила од присутните, станала и се изгубила низ вратата од купето, а Пејо се наместил на нејзиното место и го задевал попчето. Му се придружиле и другите патници на Пеја. Та и попот си ги собрал пљачките и тој излегол, а Пејо се расчекорил на двете празни места.

– Ум царува, ум робува, ум гаски чува – ја повторил Пејо старата народна поговорка и им прикажал на патниците дека тој тоа го направил на госпоѓата и на попот да си направи место да седење.

Loading