АРХАИЗМИ?

ivce1Постојат зборови кои како да си ја одиграле својата улога и веќе ги нема во нашата комуникација. Го отстапиле местото на други, посовремени изрази, а тие веќе станале архаизми. Во конкретниов случај мислиме на глаголите ,,заушува,, и ,,запикасува,,. Ретко ги слушаме сега. Или воопшто не ги слушаме. Во Речникот (тритомниот) се одбележани со назнака дека се архаични зборови. Точно е дека е тоа така, но сметаме дека не треба сосема да им ја затвориме вратата и да ги бркаме. Можат тие со своето специфично значење да бидат и од полза. Можат да го изнијансираат, да му дадат малку поинакво, поточно значење на изразот. Во Речникот и двата збора се одбележани со значење – ,,забележува,,. Во основа тоа е така. Меѓу нив постои тенка разлика. Велиме дека одамна не сме ги сретнале. Но, читајќи напис од Благоја Корубин го сретнавме глаголот – ,,зауши,,. Пишува Корубин за некое писмо што го примил од анонимен читател од Прилеп. Читателот прави некои забелешки, го критикува Корубина дека на некое предавање во Прилеп, не дал соодветно објаснување. Одговарајќи Корубин (во ,,Јазичното катче,,) вели на едно место: ,,Има и друга стварност која читателот не ја заушил,,. Значи читателот не забележал. Сега, нашиве луѓе мошне често го употребуваат српскиот глагол  – ,,приметил,,. Грешка е тоа, се разбира. Дали постои разлика меѓу ,,зауши,, и ,забележи,,. Според нас, постои. Можеби мала, дури и тешко видлива. Но, постои. Да забележи човек нешто, значи да види, да регистрира некој настан. А да зауши значи, така, површно, згора – згора да види, без некое особено внимание. Се прашуваме дали само ние лично ја чувствуваме разликата и си даваме одговор дека сепак постои разлика. Се сеќаваме на еден разговор во прилепската болница одамна. Објаснува човек дека имал големи здравствени проблеми. Друг му одговара дека порано требало да се јавува на лекар. Човекот вели: ,,Сум одел и порано, ама кој не заушува нас сиромасите,,. Според облеката (носеше гуна). Претпоставуваме дека беше од некое мариовско село. Вели дека сиромасите никој не ги ,,заушува,,. Тој не вели дека никој не ги гледа, не ги забележува, туку никој не ги заушува. Значи, не ги погледнува ни онака, површно, згора – згора . Чувствуваме овде извесна разлика меѓу зборовите ,,забележува,, и ,,заушува,,.

Другиот збор ,,запикасува,, исто така е одбележан со објаснување дека значи – ,,забележува,,. Постои разлика. Можеби повидлива, поизразена. Да запикасаш нешто значи, не само да забележиш, туку и да го запаметиш тоа. Овде, сеќавањето води на расправија, викотница меѓу двајца луѓе. Подолго траеше тоа. На крајот, едниот заминува и така отподалеку се завртува и му се обраќа на другиот со зборовите: ,,Ќе ме запикасаш ти мене,,. Овде јасно се гледа дека станува збор за закана. Разликата меѓу ,,забележи,, и ,,запикаса,, е видлива. ,,Ќе ме запикасаш ти мене, веќе има значење на ,,Ќе ме запаметиш ти мене,,. Ќе видиш што ќе ти направам јас. Што можам да ти направам.

Значи, и двата збора, ,,заушува, и ,,запикасува,, во определени мигови значат ,,забележува,, (на српски ,,приметува,,). Но, гледаме дека во некои поинакви ситуации им се разликуваат значењата, односно постојат нијанси на нешто поинакво од ,,забележува,,.

Признаваме, не ја знаеме етимологијата на овие зборови. Какво е нивното потекло, каде е нивниот корен. Во постаро, поодамнешно време се користеа мошне често. Сметаме дека тие не треба наполно да се отфрлаат, да се прогласуваат како архаизми кои не треба да имаат место во литературниот јазик. Напротив, сметаме дека тие во определени моменти, можат да бидат и добредојдени. Можат да му дадат поточно, попрецизно значење на изразот. Можат да дадат определен колорит и во литературни текстови. Да не се плашиме дека ќе звучат застарено, припросто, архаично.

Постојат и други такви зборови од кои сме се откажале. Дали секогаш имаме право  за тоа?

Loading