ДАЛИ ЌЕ ГЛЕДАМЕ ВТОРА ИЛИ ОПШТИНСКА ЛИГА?

Фудбал: Голема неизвесност за прилепчани

Покрај двете Победи, во градов  уште се  Јунајтед, Пролетер, Тризла и Сити

pobeda

Чудесно е какви промени можат да донесат времињата! Зарем можеше некој да претпостави дека прилепскиот фудбал ќе падне на толку ниско, најниско ниво? Не мора да се враќаме којзнае колку далеку во минатото. Доволно да се потсетиме што имавме поетходните две децении. Во 1997 година екипата на Победа првпат излезе во Европа, но веќе наредната 1998 – не успеа. Тоа се сметаше за катастрофа. Градов не можеше да прости пласман под третото или четвртото место на табелата од Првата лига. Негодувањата беа жестоки. Се бараа оставки за раководството, тренерите, а играчите одбегнуваа слободно да шетаат низ градот да не бидат критикувани од незадоволните навивачи. Под тој притисок веднаш беше сменет тренерот Плачков и отпуштени повеќе играчи. Наредните девет години редовно се излегуваше во Европа, последен пат во 2007, кога по втората шампионска титула се одигра 32-иот натпревар во евро-куповите, против Левадиа во Талин (0-0), во квалификациите за Лигата на шампионите.

Сега, 12 години подоцна? Имаме две Победи. Таа што играше против Левадиа и од 2010 не учествува во ниедно натпреварување, и новата Победа АД, која отпадна од Првата лига. Градов е во исчекување и во страв дали барем една од нив ќе има сили да се натпреварува. Старата има проблем со тоа што по издржаната осумгодишна казна од ФИФА и УЕФА уште чека, а ФФМ не ја прима директно во Првата лига, додека новата, по отпаѓањето од елитното друштво, има финансиски тешкотии и долгови. Дознаваме дека решение се барало низ средби со компаниите – акционери. Прво да се надмине долгот (од околу 200 илјади евра), потоа да се обезбеди буџет за учество во Втората лига. Времето минува и секој изгубен ден оди на штета, бидејќи играчите заминуваат. Ако се ѕирне во комет-системот на ФФМ, се гледа дека заминале Тимовски, Карчески, Спиркоски, М. Наумоски, Танушев (А. Пандев), Трајкоски, Макота (Луксенбург). Нема информации, но се очекува и од Јаќимовиќ, Мандиќ (бидејќи се странци), исто од Тофилоски, Котевски, Ефремов, Ристевски, Паноски, Каланоски, Вецески, Ј. Наумоски, Ефремов, Гешоски…                                                                                                        Убаво е Победа АД да успее барем да учествува и го задржи второлигашкиот статус. Фудбалските љубители барем да гледаат второлигашки фудбал на Могила. Во спротивно, останува најнискиот ранг. Затоа што, ако ги изземеме третолигашките екипи од селските места (како Напредок Крушеани и Партизан Обршани кои пролетоска играа на Могила), од градов се само четири тима, Прилеп јунајтед, Пролетер, Тризла и Прилеп сити. Сите се во Општинската лига (А и Б) и од септември ќе можат да се видат на теренот со вештачка трева кај некогашната Зоолошка.

Стадион „Гоце Делчев“  Големата трибина е на ред

Ако бараме нешто добро во прилепскиот фудбал, тоа е стадионот ,,Гоце Делчев,,. Поновата, северна трибина, е целосно покриена со одреден простор за ложа. Претстои поставување на околу 2500 седишта. Последниве денови работата е свртена кон старата, јужна трибина. Таму работата е посложена, бидејќи прво треба да се оформи таа страна како цврста градба, а дури потоа да се покрие и да се постават седиштата. Во меѓувреме се очекува акција и за теренот.

Loading