АДРИЈАНОПОЛИС – ЕДРЕНЕ – ОДРИН

ivce1Се наметнуваат понекогаш темите без да ги планира човек. Во неврзан разговор, соговорникот поставува прашање зошто се вели Македоноодринска револуционерна организација? Зошто МАКЕДОНООДРИНСКА, а градот е Едрене? Зошто не е МАКЕДОНОЕДРЕНСКА ? Навистина интересно прашање. Не сме размислувале досега за тоа. Немаме одговор. Почнавме да шуркаме, да пребаруваме на разни места, барем од она што имаме на располагање. Како треба – Одрин или Едрене? Најдовме некаков коментар од ,,Јазичното катче,,  уредувано од Благоја Корубин во Нова Македонија. И тој вели дека досега (дотогаш) нема некое нормативно решение, ниту истапил некој со определен став. Но, факт е дека формата Едрене стана некако поприфатлива и се користи како официјална. Таа форма е пошироко застапена во однос на формата – Одрин. Зошто е тоа така? И едната и другата е добиена со разни измени, скратувања и адаптации на целосното грчко име – АДРИЈАНОПОЛИС. Градот го основал некогаш римскиот цар Адријан. Има повеќе такви случаи, и повеќе имиња на градови, па и не само на градови, кои се добиваат и се затврдувале со разни измени, додавки или скратувања. Ете, тогаш при формирањето на ТМОРО надвило името Одрин, па од таму и МАКЕДОНООДРИНСКА. Се случува, во разни места, некогаш од незнање, некогаш од некои други причини, да се земе само коренот од некое име и така да му се даде некоја форма која се разликува од формата во некоја друга област. Рековме, понекогаш од незнање. Ќе се пошегуваме малку. Во времето на СФРЈ. Прилеп, збратимен град со Валево. Гостуваме таму со театарот. Домаќините мошне љубезни. Се сместуваме во хотелот. Тогаш, некако, беше на мода во рестораните да има пејачки. Таков беше и конкретниов случај. Домаќините (рековме мошне љубезни) се договориле со пејачката штом ќе се појавиме да бидиме поздравени со некоја македонска песна. Уште кога влеговме во холот веќе слушаме ритам на македонска песна. Беше тоа познатата песна ,,Елено ќерко елено,,. Во песната, мајката ја прашува ќерка си што пишува и каде ќе го испраќа писмото. Елена одговара дека ќе го испраќа во Едрене, кај либето. Да му порача да и купи капела од 300 гроша. И така, влегуваме ние во ресторанот, а пејачката со силен глас: ,,Ергеле мамо Ергеле, кај моето либе,,. Ни беше пријатно што организаторите сакале да бидеме поздравени на таков начин. Но малку чудно, а и смешно ни беше тоа – ,,Ергеле мамо, Ергеле,,. Во македонскиот јазик зборот ,,ергеле,, означува група коњи, стадо коњи. Го имаат и србите тој збор, но кај нив гласи ,,ергела,,. А ова ,,ергеле,,и ,,Едрене,, и се имаат на некаков начин испомешано на пејачката. Таа веројатно не знаела за градот Едрене, па можеби, ете, и се слушнал како ЕРГЕЛЕ и така го запаметила. Ова се само претпоставки. Не можеме да знаеме која е причината за грешката. Пејачката насмеана, завртена спрема нас пее, не поздравува со македонска песна без да е свесна за грешката што ја прави.

Ова го пишуваме за да потврдиме дека понекогаш и грешките можат да бидат причина за изговарање на некои имиња.

Некогаш, многу одамна, како дете, го слушавме како пее еден чичко. Пане се викаше. Беше песнарија. Сме слушале како пее: ,,Од Одрене ладно ветре дува,,. Ете, чичко Пане не вели ни Едрене, ни Одрин, туку Одрене. Така му се слушнало. Значи, разни можат да бидат причините некое име да се испаколичи, па дури и да стане норма. И ете така – ЕДРЕНЕ, ОДРИН, ОДРЕНЕ, ЕРГЕЛЕ !

Сега, во современиот македонски литературен јазик зацврстена е формата ЕДРЕНЕ. Можеби поради тоа што таа е најблиска до турската форма (официјална) ЕДРИНЕ.

Секогаш постои тенденција имињата на градовите да се изговараат најприближно како во односната држава. Како и да е, денеска пообично е името ЕДРЕНЕ. А ОДРИН, сепак не е заборавено.

Loading