ГРЕШКИ ОД ВИСОКИОТ ВРВ

ivce1Не отсрами Тамара на Евросонг. Се искачи на највисоко место досега. Можеби можеше и на повисоко. Честитки од сите страни. Колку е од повисоко место, честитката е позначајна. Така е тоа. Но, и за грешките е така. Колку ги слушаме од повисоко место, толку и димензиите се поголеми. Тамара доби честитки и од Претседателот на нашава држава. Ќе цитираме само еден дел, една реченица од честитката: ,,Граѓаните од Република Северна Македонија се горди на вас,,. Рековме, грешката кога доаѓа од повисоко место има поголема тежина. Предизвикува дури и достага во душата кај оние кои, ете, се грижат за чистотата на јазикот, на нашиот јазик – МАКЕДОНСКИОТ.

Слушнавме дека се оформил кабинетот на Претседателот. Се прашуваме, зар во тој кабинет не постои личност која се грижи за јазикот? Во краен случај, на Претседателот може и да му се провлече некоја грешка, но тука треба да има некој човек кој треба да интервенира, да укаже. Особено кога станува збор за напишан текст. А каде е овде грешката? ,,Граѓаните на Република Северна Македонија се горди на вас,,! Зар тука немаше некој да укаже дека граѓаните или кој и да е можат да се гордеат СО нешто, а не НА нешто. Во конкретниот случај ние, евентуално, можеме да се гордееме СО Тамара, а не НА Тамара. Евентуално би се гордееле СО нејзиниот успех, а не НА нејзиниот успех. Зар не е време да почнеме еднаш да се гордееме СО точната употреба на нашиот јазик! Па нели тоа е нашиот идентитет. Нели тој ни е загарантиран. Ова прилега на многу наши закони. Законите добри, примената лоша. Еве и јазикот. Тој е загарантиран, а практичната примена лоша. Дури во некои случаи и многу лоша. Еве, слушнавме. Заев ќе ги менувал претседателите на општинските разграноци. Но, нашиве презентери редовно велат ,,ограноци,, а не ,,разграноци,,. И што уште не велат тие и со што уште не ги бомбардираат нашиве уши. Постоеше едно време извесен проблем со извозот на наши производи во Русија и нашите камиони останаа и чекаа во Полска. Новинарката нé известува: ,,Нашите камиони седат во Полска,,. Се уште досега не сме чуле дека камионите можеле и да седат. А ете, ова го разбравме од ТВ, од новинар, а не од некој обичен човек. На една од нашиве ТВ, не се сеќаваме на која, слушавме соопштенија за репертоарот на некои од нашиве театри. Еве како гласеше една реченица од тие соопштенија: ,,Љубителите на театарот ќе можат да ги погледнат претставите,,. Замислете! Претставите ќе бидат некаде изложени, а ние ќе можеме да ги погледнеме. Зошто таа новинарка не се слуша самата што зборува?! Љубителите на театарот ќе можат да ги гледаат претставите, а не да ги погледнат. Зар не и е јасен овој нелогичен израз? Да ја погледнат претставата!!! Пак од телевизија. Пак од новинар. Слушаме нешто во врска со некаква организираност, со некаква организација. И слушаме: ,,Трула организација,,. Каде ли го најде зборот – ,,трула,,? ГНИЛО е тоа кај нас. Организацијата можела да биде ,,гнила,, а не ,,трула,,. Зар не сме слушале за ГНИЛО овошје, ГНИЛИ конци и така натаму. Тој збор (српски) ,,труло,, кај нас може да биде ,,гнило,,, но ако е премногу изгниено може да биде и ,,скапано,,. Во конкретниов случај тоа е – ГНИЛО.          

Иселувањето од нашава земја станува загрижувачко. Слушаме емисија на таа тема. Новинарката зборува нашироко за таа појава. Објаснува дека и таму, во странство, животот на нашите млади луѓе не е розов. Во еден момент вели: ,,Често, младите завршуваат како бело робје,,. Зар не и е јасно дека именката ,,робје,, е во множинска форма? Обичната множинска форма е ,,робови,, а во случајов станува збор за збирна именка – ,,робје,,. Е, ако е така, тоа се ,,бели робје,, а не ,,бело робје,,.

И така, заробени во своето незнаење го практикуваме нашиот загарантиран јазик.

Loading