ТОЧАК – ТОЧАКЧИИ, КОРАБ – КОРАБЏИИ

ivce1Прочитавме во неделникот Зенит и дознавме дека во Прилеп постоело Здружение – Маркови точакџии. Двајца претставници на а Здружението ќе патувале со велосипеди до Истанбул. Одлично! Тоа е несекојдневен подвиг. 800 километри пат. Заслужуваат голема пофалба. Но, што нé натера да пишуваме за овој настан? Во весникот тоа е убаво и коректно напишано. Во никаков случај не можеле да го одбегнат насловот – Маркови точакџии”. Овој наслов фрла голема сенка на самото Здружение па, би рекле, и на целиот подвиг. Го среќаваме во насловот зборот ,,Точакџии,,. Голема грешка. Мошне голема! Во употребата на зборот се кријат 3 грешки. Прво, тој збор ,,точак,, не е наш. Затоа не треба да се користи во нашиот јазик. Откако е измислен велосипедот, тој предмет – ,,велосипед,, во нашиот јазик е влезен и прифатен како таков. Француско му е потеклото. Во српскиот јазик е преземен (преведен) како ,,точак,,, што значи колце. Се употребува таму и латинското име – ,,бицикл,, што значи две колца. Во бугарскиот јазик се вика ,,колело,,, што значи исто така колце. Кај нас е зацврстен – ВЕЛОСИПЕД. Оттука – велосипедист, велосипедџија. Велосипедист е оној што вози велосипед, а велосипедџија е оној што прави, што поправа велосипеди. Во последно време, во целава наша земја ретко ќе сретнеме некој да вели ,,велосипед,,, мнозинството го употребуваат зборот ,,точак,,. Дури и сме сретнале соопштение дека ќе се организирала велосипедска трка со точаци. Смешно. Рековме, првата грешка во тој збор е во тоа што тој нема основа во нашиот јазик, а нема потреба да го позајмуваме од српскиот. Втората грешка е во самото значење на тој збор – ,,Точакџии,,. Зборот е туѓ, но ако веќе има некоја посебна потреба тој да се употреби, треба да се знае дека ,,Точакџија,, би бил оној што поправа ,,точаци,,, а не оној што вози. Наставките ,,џија,, и ,,чија,, се користат во именки кои претставуваат некакво занимање, професија – бозаџија (оној што произведува боза), сурлаџија (оној што прави или свири на сурла) и така натаму. Овие наставки (џија и чија) се од турско потекло, но уште се употребуваат во нашиов јазик.

Третата грешка при употребата и пишувањето на зборот ,,Точакџија,, и всушност најголема, е токму во тоа како е напишан. А такви грешки среќаваме на секој чекор. Ги споменавме наставките ,,џија,, и ,,чија,,. Постои некаков ред која наставка кога се употребува. Ако зборот (основата) на кој се додава таа наставка завршува на самогласка или на звучна согласка, тогаш доаѓа, така да се рече, звучната варијанта на наставката односно – ,,џија,,: алваџија, кафеџија, корабџија, ловџија, дајреџија и така натаму.

Ако зборот (основата) завршува на безвучна согласка, тогаш доаѓа таканаречената, безвучна наставка, односно – ,,чија,,: ќебапчија, саатчија, скапчија, занаетчија, топчија, бурекчија и така натаму.

Еве, за да биде појасно. Именката КОРАБ завршува на звучна согласка – ,,Б,,. Во таков случај доаѓа наставката – ,,џија,: кораб-џија. Ист е случајот ако зборот, именката, завршува на самогласка, на пример – КАФЕ. Тогаш ќе се употреби исто така тврдата наставка – кафе-џија. Најголеми грешки се прават кога именката завршува на незвучна, мека согласка, на пример ,,к,,, ,,п,, и слично. Во таков случај треба да се користи меката наставка  ,,чија,,, а не ,,џија,,. Имаме: бурек-чија, ќебап-чија, топ-чија и многу такви. Рековме, овде се прават најчести грешки. Гледаме редовно, испишани фирми – БУРЕКЏИЈА. Ова и да сака човек вака да го изговори, не може. Според едначењето по звучност, не можат да стојат еднододруго ,,к,, и ,,џ,,. Ние секако тоа го изговараме – ,,бурегџија,,, со ,,г,, а не со ,,к,,. Ист би бил случајот и со зборот ,,точакџии,,. Споменавме, ако веќе мора да се употреби тој збор, тогаш тој би гласел – ТОЧАК-ЧИИ, а не ТОЧАК-ЏИИ. Сакале или не правилото за едначење по звучност ќе не натера да велиме – ТОЧАГ-ЏИИ. Но, бидејќи зборот ТОЧАК завршува на незвучна согласка, тогаш е неопходна меката наставка – ,,чија,, ТОЧАК-ЧИИ.

Рековме, во еден збор три грешки. Можеби најголема ќе биде четвртата грешка. Тој збор (точакџии) ќе биде (како таков) регистриран во Централниот регистар – ЗДРУЖЕНИЕ ,,МАРКОВИ ТОЧАКЏИИ,,. Таму ќе се регистрира насловот како што е доставен од подносителот. Можеби не е напразно размислувањето дека и таму е потребен лектор. Вака настанува мешаница. Кому што ќе му текне, така ќе напише. И така ќе биде регистрирано. Ете, тоа сме ние.

Loading