ПАПАТА НА ГОСТИ

ivce1Се случи и тоа. Ни дојде на посета Папата Франциск. Историски настан. Ни дојде на посета, на гости висок гостин. Но, нашиве новинари, презентери, не велат така. Тие велат дека Папата ни дошол ВО посета, а не НА посета. Зошто е тоа така? Ако сакаме да појдеме кај некој пријател ќе му речеме – ,,Ќе ти дојдам на посета,,, а не ,,Ќе ти дојдам во посета,,. Нели и во песната се вели – ,,Да ми дојдеш на визита, јас да те пречекам,,. Значи, на визита а не во визита. Навистина силно, а непотребно е влијанието на српскиот јазик. Србите велат – ,,У посети,, и ние, ете, ,,Во посета,,. А ова го слушаме редовно. Еве и во моментов слушаме на телевизија дека Министерот за надворешни работи бил во посета на Германија. Дури и се уште одвреме-навреме ќе чуеме дека, на пример, ,,Вардар имал уште 2 натпревара дома и три во гости,, и така, постојано.

Да се вратиме на посетата од Папата. Слушнавме и други грешки. Големи. Слушнавме за неговата столица – Ватикан. Слушнавме кога бил устоличен и така натаму. А тоа го слушаме од новинари, од телевизии, каде има лектори. Како не им е јасно дека Ватикан е престолнина, а не столица. Главните градови на државите се викаат престолнини, а не столици. Така е во македонскиот јазик. Папскиот стол се вика ,,престол,, или ,,трон,, а не столица. Може да се рече дека Папата бил тронисан, дека седнал на престолот, дека бил прогласен, но никако дека бил устоличен. Пред повеќе години, еден наш новинар во телевизијата, ,,загрижен,, за македонскиот јазик, велеше дека Папата бил ,,востоличен,, мислејќи дека во нашиот јазик е невозможен префиксот ,,У,, па го ,,помакедончил,, зборот и вели – ,,востоличен,,. Стануваше збор тогаш за некој друг Папа. Така, нашиот новинар не само што направил грешка со употреба на зборот столица туку создал и придавка – ,,востоличен,,. Тоа беше поодамна, но еве сега, со посетата на Папата Франциск, се потсетивме на тие грешки, а чувме слични такви и сега. Има и една друга ,,дежурна,, грешка што ја слушаме мошне често. Слушавме разговор со новинарка и пејачот Здравко Чолиќ. Тој објаснува дека не обраќа многу внимание на облеката. Вели дека кога станува збор за некој концерт, но е потребно убаво одело. Нормално, тој зборува на српски јазик, а ние, како што е ред, читаме на екранот преведен текст. Во ред е тоа што тој вели ,,одело,,, но ние го читаме тоа и во преводот, во текстот. Тој збор често го слушаме. Голема грешка е тоа. Тоа е чисто српски збор. Именка изведена од глаголот ,,одевати се,,. Кај нас тој глагол гласи – ,,се облекува,,. Според тоа, станува збор за ОБЛЕКЛО. Во конкретниов случај, тоа е ,,костум,, а не ,,одело,,. Тука се грешава и со акцентот. Сите што го употребуваат, акцентот го ставаат на вториот слог. Се знае дека во нашиот јазик, кај третосложните и повеќесложните зборови акцентот паѓа на третиот слог кога се брои одназад. Српската именка ,,одело,, кога би се акцентирала правилно, во нашиот јазик би се добил глагол во минато неопределено време – ,,Детето одело и застанало,,. Значи, таа облека за која станува збор, кај нас е – КОСТУМ. Имаме машки костум, женски костум, детско костумче. Зборот има француски корен но влезен е во нашиот јазик многу, многу одамна. Зборот ОДЕЛО не може да се вклопи во нашиот јазик со такво значење.

Во една телевизиска емисија новинарката пренесува некоја изјава на Пендаровски. Таа вели дека Пендаровски рекол оти помирувањето ќе му бидело главен приоритет. Приоритет! Многу слушан збор и честопати многу погрешно. Не може да постои ,,главен приоритет,,, како што не можи да постои ни ,,спореден приоритет,,. Приоритет значи нешто што треба да биде прво, нешто што треба да биде главно. Може повеќе нешта да имаат приоритет, но не може да постојат повеќе приоритети. Значи за Пендаровски помирувањето ќе има приоритет, ќе биде главно, прво нешто во неговите напори. Не може да се набројува – прв приоритет, втор приоритет и така натаму. Исто како што не може да има главен или помалку главен приоритет. ПРИОРИТЕТ – предност, првенство.

Loading