ДОМАШНО ПРИРОДНО МАСЛО ЗА БРОНЗЕН ТЕН

Наједноставното домашно природно масло за сончање содржи три драгоцени состојки за кожата. Средството за заштита од сонце со фактор 5 се добива со натопување на лековити билки во масло. Се препорачува да се користи кога кожата е малку потемнета за периоди од денот кога сонцето е слабо. Природното масло помога во добивањето на бронзен тен. Претходно мора да се користи крем со заштитен фактор за подлога. Кожата кога ќе се намачка со смесата од зелени оревчиња, морков и маслиново масло, станува многу мека, нежна, свиленкаста, исхранета и заштитена.

Морковот е полн со бета-каротен, силен антиоксиданс кој ја заштитува кожата од УВ зраците. Природниот бета-каротен е подобар од синтетичкиот во многу креми за сончање. Оревот е полн со витамин Е. И тој е силен антиоксиданс, нужен за здрава и убава кожа. Содржи здрави масти и дејствува антиканцерогено. Благодарение на високиот процент на незаситени масни киселини и витамини А и Е, маслиновото масло помага во заштита од сонцето и благотворно делува на кожата.

Природното масло треба да стои еден месец, а се прави додека има зелени оревчиња или ќе биде спремно за летните месеци. Се подготвува  со 6 зелени ореви, 1 поголем или 2 помали моркови, 250 мл. маслиново масло и неколку цветови од невен. Пресечени ореви на четвртинки се ставаат во тегла со заштитни ракавици да не се обојат рацете. Ренданите моркови се ставаат кај оревите и се додаваат неколку цветови од невен. Смесата се прелива со маслиново масло. Теглата се остав на сонце три седмици до 40 дена со повремено протресување. Ако сонцето е силно, теглата се преселува под сенка привремено. По предвидениот период, се цеди маслото и се складира во шишенце со распрскувач. Ако остане, може да се чува во фрижидер за следната година.

Постои и една итна варијанта за помало време од еден месец. Во шише се мешаат 200 мл. маслиново масло и 50 мл. вински оцет и сок од еден лимон. Оваа смеса е итно подготвено домашно масло за сончање.

Loading