ПОГРЕШНИ РЕЧЕНИЦИ

ivce1Познато е ( или треба да биде познато ) дека зборот ,,плуќа,, не е наш. Српски е. И секогаш (во српскиот јазик) е во множинска форма, како нашите зборови кои немаат еднина – ,,плеќИ,, , ,,гаќи,, и слични. Ние сме мајстори. Ќе му најдеме и еднинска форма и толку многу ќе го испаколичиме што нема да прилега на ништо. Мнозина наши луѓе ја употребуваат именката ,,плуќа,, (во еднина), но една наша телевизија отишла понапред. Слушаме текст од непознат јазик. А на екранот го читаме преводот на македонски. Меѓу другото пишува: ,,Да дишеме заедно со целата плуча,,. Да, токму така пишува – ПЛУЧА. Плуќа, тоа се белите дробови. Но, тие не само што го зеле српскиот збор, туку го напишале – ПЛУЧА. Се донесуваат разни закони за медиумите, но за јазикот како да не постои никаков закон. Ќе приведеме повеќе реченици (погрешни) што сме ги слушале на нашиве телевизии.

Требало да се реши некој проблем кој се однесувал на двете големи партии. Реченицата гласи: ,,Ни треба на нас, но и на нив исто така,,. Не треба да имаат докторати, ни новинарите ни лекторите  да знаат дека реченицата треба да гласи: ,,Ни треба нам, но и ним исто така,,.

Информирани бевме за некои состојби во Северна Кореја: ,,Кореја испали нови нуклеарни ракети,,. Не така! ,,Кореја истрела (не испали) нови нуклеарни ракети,,. Глаголот ,,испали,, беше употребуван повеќепати во натамошниот текст, се разбира погрешно.

Политички настани. Предизборна кампања. Објаснува новинарката за евентуална средба помеѓу Црвенковски и Пендаровски. Вели: ,,Што Бранко Црвенковски му рекол на Стево Пендаровски,,? Вакви грешки слушаме редовно. Зошто не сфатија нашиве новинари, а уште повеќе лекторите, дека во прашалните реченици, по прашалните зборови треба веднаш да дојде глаголот. Точниот израз: ,,Што му рекол Бранко Црвенковски на Стево Пендаровски,,?

Наредна реченица? ,,Во Струга, ВМРО бира кандидат,,. Зошто оваа грешка станува редовна? Ја слушаме мошне често и од новинарите и од политичарите. Во нашиот јазик глаголот ,,бира,, не може да постои во таква форма, секогаш треба да биде префиксиран – ,,избира,, , ,,пребира,, , ,,одбира,, и така натаму. За време на предизборната кампања за претседател на државата овој збор (бира) го слушнавме безбројпати. И од новинарите, и од политичарите, и од некои од кандидатите за претседател. Уште еднаш! Глаголот ,бира,, го нема во нашиот јазик како таков. Тој секогаш е префиксиран.

Еве изјава од извесен лекар: ,,Повредените се збринети,,. Придавката ,,збринети,, е погрешно употребена. Кај нас именката не е ,,брига,, туку ,, грижа,,. Според тоа: ,,Повредените се згрижени,,.     

Пријатна вест. Навистина пријатна. Двајца прилепчани (планинари) се искачиле на највисокиот врв во Аргентина. Врвот Аконкагва. Слушнавме и прочитавме ваква реченица: ,,Двајца прилепчани го искачија врвот Аконкагва, највисок во Аргентина,,. Дали е точно ова? Се разбира дека не е! Прилепчаните се искачиле на врвот, тие се искачиле, а не го искачиле врвот. Што би било ако некој настан се случел обратно. Ако некој, наместо, да речеме, дека се искачил, да речеме дека пропаднал. Пропаднал на дното. Ќе речеме дека некој пропаднал на дното, а не дека го пропаднал дното.

Пред изборите за претседател, граѓаните можеа да вршат увид во избирачкиот список. Тоа се прави пред сите избори. На вратата од извесна институција (не знаеме која беше) за време на емитувањето на програмата, читаме: ,,Увид во избирачки список,,. Испуштањето на членот станува загрижувачка појава. Од скопскиот говор тоа се пренесува насекаде во Македонија. ,,Увид во ИЗБИРАЧКИОТ список,,. Така треба да гласи односниот натпис. Придавката ,,избирачки,, неопходно е да биде членувана – ИЗБИРАЧКИОТ !

Loading