АРГУМЕНТИ, А НЕ ГОЛ ПОЛИТИЧКИ КРИТИЦИЗАМ

Петар Ристескипретседател на ОК на ВМРОДПМНЕ

Граѓаните знаат што е вистина, а што лага. Јавноста препознава, памети и знае да казни

Petar Risteski 3

Минаа претседателските избори. По падот на власта на ВМРОДПМНЕ на локално ниво во 2017 година, како го оценувате мерењето на политичките сили во Прилеп на претседателските избори?

Претседателските избори покажаа дека граѓаните не се со кратко помнење, односно дека паметат што се ветуваше за локалните избори. Затоа е катастрофален резултат за СДСМ во Прилеп. За година ипол загубија над 5.000 гласови од поддршката која ја добија за избор на градоначалник. Фамозните нереализирани ветувања, од кои дел и нереални, им се удрија од глава. Тука голема улога има и невидениот досега непотизам во јавните и државните институции, ароганцијата која ја поседуваат луѓето на власт, но и криминалот кој допира во сите општествени пори. Генерална оценка е дека граѓаните час поскоро бараат промена и дека за лажните ветувања и неработењето нема повеќе место и толеранција на политичката сцена.

Ја научивте ли лекцијата од изборите пред година ипол?

Јасно е дека локалните избори беа режирани ВМРО-ДПМНЕ да ја загуби власта и на локално и на државно ниво, сегашната власт полесно да ја спроведе агендата за промена на државното име и продажба на националните интереси. На ова укажувавме постојано во минатиот период, а сега веќе сите го открија тоа.

Дали изборните резултати покажуваат враќање на довербата на ВМРОДПМНЕ?

Ако се погледнат резултатите во Прилеп, каде само за две недели од првиот до вториот круг на претседателските избори, ВМРО-ДПМНЕ доби дополнителни 3.000 гласови, а на ниво на Македонија безмалку 380.000 гласови, изборите докажаа дека ВМРО-ДПМНЕ одново е најголема политичка сила во Македонија. Партијата освои најмногу гласови на овие избори и затоа владее конфузија кај нашиот политички противник.

Владее ли единство во партијата или има недемократски тенденции, превирања, обвинувања…? Дали се стабилизира партијата?

Ваков силен изборен резултат говори дека единството е на највисоко ниво, не само на локално, туку и на државно ниво. Според моето искуство, на оваа изборна кампања функциониравме како едно големо семејство, работевме заедно и секој еден понесе дел од товарот и перфектно ги изврши задачите. Во однос на превирањата, сите гледаме дека таквите намери на поединци испарија и сите видоа дека претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, партијата ја води во правилна насока. Тешко дека после владеењето на одлична атмосфера, некој ќе се осуди да критикува, да соли памет или да прави раздор. Мицкоски ужива огромна доверба и за скоро време ќе биде новиот премиер на Република Македонија.

Какви се вашите прогнози за рејтингот на партијата на локално ниво? 

Партијата расте од ден во ден. После високата победа на претседателските избори веќе пристапуваат нови луѓе и млади, кои имаат желба да се вложат и да се приклучат во структурите на партијата. Кој и да го прашате за тоа кој ќе биде победник во Прилеп на наредните локални или парламентарни избори, ќе одговори ВМРО – ДПМНЕ. Моите очекувања, но и очекувањата на партиските органи се дека оваа победа од близу 1600 гласа, на наредни избори ќе биде 3 – 4 пати повисока.

Ги слушате ли гласовите на граѓаните повеќе отколку кога бевте власт?

Како што веќе потенцирав. Функционираме како едно големо семејство. Партијата е отворена за секој кој искрено сака да се вложи во реализација на она што ВМРО – ДПМНЕ планира да го понуди и реализира за подобар живот на граѓаните. Општинскиот Комитет за време на нашите состаноци е исполнет до последно место, што е доказ за тоа. Секоја идеја, секој добронамерен совет, секоја сугестија е добредојдена и сето тоа дава резултат. Тоа е видливо и од мотивираноста на членството, членовите на Општинскиот Комитет и членовите на Општинскиот изборен штаб.

Успевате ли да се рехабилитирате како опозија?

Имаме тим кој обединува, имаме луѓе кои уживаат доверба и респект кај граѓаните, луѓе квалитетни со знаење и умешност. Со расположливиот потенцијал, неминовен е успех. Тоа го покажавме на претседателските избори, а ќе го покажеме и во периодот кој ни претстои. ВМРО – ДПМНЕ е партија која учи од грешките, партија која многу брзо се консолидира и секогаш одново има што да понуди.

Како ја оценувате соработката со власта по последните локални избори? Дали позицијата покажува слух за критиките и е конструктивна и подготвена за корекција на некои зафати?

Ако локалната власт покажуваше слух за критиките, зарем нивото на капитални инвестиции во Прилеп ќе беше на мизерни 20 отсто? Овие луѓе имаат единствена агенда во бележниците. Тоа е вработување на сите преостанати тетки, вујни, стрини, внуки, братучеди… Вдомување на партиските послушници, за кои видовме дека се вработуваат по список и спроведување на погубните политики од Владата. Побаравме субвенционирање на сметките за вода, кои беа зголемени за 60 отсто, наместо да се намалат за 20 отсто како што ветуваше актуелниот градоначалник Илија Јованоски. Побаравме укинување на комуналните давачки за бранителите од Прилеп кои учествуваа во конфликтот 2001 година. Апелиравме да не се брза со формирањето на новото претпријатие за гасификација, бидејќи гасот уште е далеку од градот, а не е изградена ниту примарна, ниту секундарна, ниту терцијална мрежа. Постојано апелираме за хаосот во Старата чаршија, каде повеќе не може слободно да се движи од распространетите летни бавчи на високите функционери од СДСМ. Со оглед на тоа, транспарентноста и конструктивноста која ја ветуваа, се покажа дека немаат намера да ја спроведат на дело. Граѓанскиот парламент кој навидум го спроведуваше градоначалникот беше само замајување на јавноста дека оваа локална власт ќе биде отворена за секаков предлог и сугестија.

Дали се аргументираат забелешките или се само гол критицизам?

Забелешките се аргументираат со докази и фотографии. Тоа е така затоа што граѓаните веќе знаат што е вистина, а што лага. Јавноста препознава, памети и знае да казни. Нашиот пристап е реален и базиран на правилно насочени и аргументирани критики.

На кои полиња главно се забелешките?

Покрај енормниот непотизам, партизираноста на институциите  и  зголеменото ниво на криминал и корупција, забелешките се однесуваат и на нереализираните ветувања. Го нема ветениот затворен базен, двете обиколници, ништо од реконструкцијата на Старата чаршија, каде се двете нови детски градинки, новото училиште, ветените спортски сали, спортско рекреативниот центар на вештачкото езеро, чистиот воздух,…

Од рационалноста и ефикасноста на локалните јавни претпријатија зависи подобриот живот на граѓаните. Според вас, колку ги исполнуваат очекувањата на граѓаните, Комуналец, Водовод…, ПУП, Пазари…? Какви се цените на нивните услуги, ниски – високи, според стандардот?

Сведоци сме дека функционалноста на овие претпријатија е нарушена. Прво нешто што асоцира дека работите не се одвиваат добро се честите промени на директорите во јавните претпријатија. Кога веќе се фалат дека постигнале вакви или такви резултати, на што се должи промената на директорите во ЈКП Комуналец и ЈП за ПУП? Од друга страна, забележуваме дека депонии никнуваат на секој чекор, низ градот глутници кучиња сеат страв и неретко граѓаните се жртви од каснувања. Споменав, а сметките за вода пораснаа за 60 отсто, наместо да бидат намалени за 20 проценти како што ветуваше Јованоски пред локалните избори. Нема нови автобуси за јавниот градски превоз кој е раководен од ЈП за просторно и урбанистичко планирање. Функционираат само 3-4 автобуси, а властите во година ипол ветуваат набавка на нови неколку наврати.

И Прилеп е зафатен со бран на иселување, што е тренд не само во земјава. Затоа сведочат бројките на помалку ученици во училиштата, недостиг на простор за згрижување на децата во предучилишните установи, забавен е растот на новородени деца, склучените бракови, има тенденција на пораст на разводите. Што можат локалните власти да помогнат за да го ублажат овој удар. Имате ли некои конкретни предлози, извори за реализација на такви проекти…?

Одговорноста на локалните власти во овој сегмент е огромна. Креирањето на една ваква клима како денес, каде само луѓето на владеачката партија се компетентни за вработување во државните и јавните институции, дополнително придонесува за иселување на младите, способни кадри кои не трпат неправди и сакаат да живеат во еднакво општество каде има можности за сите. Немањето на план за развој на економијата и понатамошно привлекување на инвеститори во индустриските зони, нешто што беше пример во минатото, уште повеќе ќе го празни нашиот град. Токму локалната власт во минатите години одигра клучна улога во Прилеп на тој план. Се изградија индустриските зони Прилеп 1 и 2, а одличните услови и соработката со странските инвеститори во технолошко-индустриската зона Алинци, изградена од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, дополнително придонесоа за стотици нови работни места. Сега сме сведоци дека оваа локална власт е глува на тој план. Нема идеја, нема никаков план за зголемување на локалниот економски раст, нови инвеститори немаат цапнато во оштината, а постојаните стагнираат и не ги прошируваат своите капацитети.

Loading