ДО ФИНАЛЕ СО ТРИ МЕЧА ВО ДВА ДЕНА

Пинг – понг: Младост на чекор до титулата

Вториот прилепски тим, Младост 96, се бори со Вардар

Milosevic

Екипата Младост се приближи кон целта, освојувањето на титулата по долги девет години, откако со 2-1 во добиени мечеви го совлада скопскиот Телеком, во полуфиналето од плеј-офот на Супер лигата. До финалето беше исцрпувачка битка, поради одиграните три меча за два дена. Првиот ден, саботата, беше постигнат гостински триумф во Скопје со 3-4, каде Србинот Љубиша Милошевиќ доби две партии, третата во двојки со Ѓоко Јочкоски, а последната беше дело на Јочкоски. Вториот ден, во неделата, дома претпладнето постоеше шанса за 2-0. Но, гостите не се предадоа и изненадија со пожртвувана игра. Го свртија мечот за своја победа од 1-4. Единствената партија за домашните ја доби Јочкоски, кај гостите Димитрија Жоговски сам доби една, втората во двојки со Србинот Милош Миленковиќ, а останатите се дело на Роберт Михајловски и Миленковиќ. Така, истиот ден се играше трет меч, ,,мајсторка,, по пауза од само два часа. Прилепскиот состав на тренерот Зоран Јованоски се покажа поиздржлив и триумфира со 4-3. Милошевиќ доби една партија сам, втората во двојки со Јочкоски, а третата и четвртата ги додадоа Александар Штаргоски и Јочкоски.

По успехот, Младост го чека исходот од второто полуфинале, кое се игра викендов меѓу Вардар и вториот прилепски претставник Младост 96. Скопјаните се во предност, бидејќи стартуваат со водство од 1-0, со оглед на двете победи што ги имаат од основниот дел на Супер лигата. Лидерот од табелата има предност и во домашниот терен, затоа што евентуалниот втор меч се играат во Скопје, додека првиот е в сабота во10,30 во Прилеп. Се очекува младите прилепски пингпонгари да дадат се од себе за да изненадат. Вербата на тренерот Гоце Тошески е во младинскиот државен шампион Петар Костовски, учесник на Светско првенство, Александар Рикалоски, Антонио Стомнароски и Андреј Лашкоски.

Loading