Играорците од КУД „Мирче Ацев“ ја претставуваат нашата држава во Познањ, во Полска, на Неделата на културата на државите од западниот Балкан. Фестивалот е организиран од Институтот за словенска филологија и финансиски покриен од полското министерство за култура.
КУД ,,Мирче Ацев,, ја има честа со концерт од час и половина да го отвори фестивалот денеска.
Манифестацијата ќе трае до 26 мај и ќе учествуваат културно уметнички друштва од сите земји од Западниот Балкан. КУД ,,Мирче Ацев,, ќе го презентира фолклорното богатство од сите краеви на нашава земја. Членовите ќе одиграат сплетови на ора и песни од Повардарието, од Егејска Македонија, од источниот дел на Македонија, потоа и поединечни ора Осоговка, Беранче, Тресеница, Калајџиско и др. Едновремено ќе се презентираат и македонските традиционални инструменти гајда, кавал и тапан. Во програмата е и македонското традиционално машко пеење преку неколку сплетови на песни изведени од машката пејачка група.
Прилепското друштво има долгогодишна соработка и пријателство, со универзитетот од Познањ, почнувајќи од 1989 година, па во 1994, 2001, 2015 и повторно оваа година. Голем дел од студентите го изучуваат македонскиот јазик, култура и фолклоре и често доаѓаат во нашата земја на теренски истражувања.
На фестивалот ќе одржи предавање д-р Ели Луческа, научен советник во Институтот за старословенска култура. Во програмата и работилница од областа на културното наследство и социо-културната антропологија на Балканот, со посебен акцент на Македонија, со наслов ,,Убавините на Балканот за студентите на балканистика, полистика и славистика,,.