ЗОШТО ЈОЧКОСКИ НЕ ПОЈДЕ НА СВЕТСКО?

Пинг-понг: Петтиот имаше предност над вториот

Наместо него учествуваше штипјанецот Костовски

Gjoko Jockoski

Во Будимпешта се одржува Светското првенство на кое во машка конкуренција веќе учествуваа македонските претставници, кривопаланчанецот Кристијан Станојковски (Вардар) и штипјанецот Петар Костовски (Младост 96). Првиот е државен шампион и првопласиран на ранг-листата од овогодишните домашни натпревари, а другиот е петтопласиран. Значи, на Светското државава ја претставуваа првиот и петтиот. А вториот, прилепчанецот Ѓоко Јочкоски (Младост) остана дома!

– Неправда, преседан. На Државното сениорско по 10-ти пат станав вицешампион, по поразот во финалето од Станојковски. Учествував и во две конкуренции каде влегов во финалињата. Во машки двојки со Штаргоски освоивме второ место, а во мешани двојки со кавадарчанката Младенова станавме шампиони. Претходно на двата изборни турнира двапати бев втор. Исто и на ранг-листата од Супер лигата. По сите овие пласмани требаше да бидам вториот репрезентативец покрај Станојковски, но од Федерацијата одлучиле наместо мене да биде Костовски, со образложение дека е млад и надежен. Неприфатливо, со оглед на првобитната одлука да се земат предвид пласманите на сите претходно наведени натпревари. За критериумот ,,млад и надежен,, да кажеа благовремено, немаше попусто да трошам енергија, време и пари – реагира Јочкоски.

И, разликата е очигледна на конечната ранг-листа. Јочкоски има трипати второ место (293+144+144 поени) со вкупно 581 поен. Костовски има осмо и четврто место (123+89) со вкупно 212 поени. Во врска со одлуката да биде избран Костовски, побаравме мислење од Златко Рикалоски, потпретседател  на Пингпонгарската федерација на Македонија.

– Од годинава ППФМ го става потенцијалот на помладите и перспективни играчи во секоја категорија. Бидејќи Федерацијата одделува финансии за кампови на нашите млади и перспективни играчи, логичен е потегот на селекторот. Повозрасните играчи, кои оставиле или уште оставаат белег, поставени се за тренери на репрезентациите, вклучувајќи го Јочкоски, тренер на женските селекции. Се согласувам дека Јочкоски заслужи да биде дел од Репрезентацијата. Но, штета е што бројот беше лимитиран на двајца – рече Рикалоски.

На Светското македонските претставници беа елиминирани во групите. Станојковски е поразен од Шпанецот Кантеро и од Велшанецот Еванс. Костовски загуби од Австралијанецот Тоунсенд и од Чилеанецот Ламадрид.

Фокусот врз полуфиналето

Двата прилепски тима имаат шанса за титула. Во полуфиналето од плеј-офот победник се станува со два добиени меча. Екипата на Младост од 0-0 почнува дуел на 11 мај со Телеком Скопје. Младост 96 од 0-1 влегува во борба со лидерот Вардар Скопје.

Loading