РИБИТЕ ДИШАТ НА ЖАБРИ

ivce1Телевизиска емисија. Разговара новинарката со извесна госпоѓа. Имала госпоѓата проблеми околу водоснабдувањето и слично. Не навлегуваме во тоа. Вниманието го привлекува текстот на долниот дел од екранот. Пишува: ,,Дишење на шкрги,,. Имено, зборот ,,шкрги,, нé заинтересира. Не само тоа што беше напишано, туку и новинарката го повтори односниот збор повеќепати. Одамна не сме ја слушнале оваа грешка, односно употребата на зборот кој не е наш. За жал, мнозина и не знаат дека не е наш. Го прифатиле од српскиот јазик и го употребуваат не размислувајќи. Во македонскиот јазик тој збор гласи – ,,жабри,,. Гобараме во некој речник, случајно да не е одбележан како ,,шкрги,,. Го нема никаде. Проверивме во нашиот најстар Речник (тритомниот). Пишува ,,жабри,,. Во Речникот на Зозе Мургоски исто така. Во новиот Толковен речник стои – ,,жабри,,, со објаснување: органи за дишење кај рибите и кај некои други видови водни животни. Проверивме и во српско-македонскиот речник. И таму исто. Зборот ,,шкрги,, на македонски е преведен – ,,жабри,,. Увото на нашиве луѓе свикнало повеќе да го слуша зборот – “,,шкрги,,. Но не смееме да водиме инает. Штом насекаде стои – ЖАБРИ значи тоа е нормата и треба да се почитува без никакво колебање.

Дојде пролет. Поленот од цветовите создава проблеми кај голем број луѓе. Алергии. Слушаме разговор на ТВ на оваа тема. Не разбравме што беше по професија господинот што објаснуваше, но тоа е и не е важно. Зборуваше тој за алергиите кои се појавуваат со доаѓањето на пролетта. Вели дека веќе се појавиле ,,алергични симптоми,,. Ете, замислете, значи симптомите биле алергични. Повеќепати го повтори тоа без да размисли што зборува точно. Се појавиле АЛЕРГИСКИ симптоми, а не АЛЕРГИЧНИ. Луѓето можат да бидат алергични, а не симптомите. Така е кога зборот оди пред мислата.

Еве уште еден таков непромислен израз. Стануваше збор за домашните миленичиња, за кучињата. Ќе им се ставале некакви чипови. Поминало времето, но рокот се пролонгира. Ќе траел до крајот на годината. Тие што немало да го направат тоа ќе плаќале казна толку и толку евра во ,,противденарска вредност,,. Помисливме дека е тоа грешка во самиот изговор. Се прават такви грешки кога ќе се заплетка јазикот, но тој го рече тоа повеќепати – ПРОТИВДЕНАРСКА ВРЕДНОСТ. Сме слушнале многупати за ДЕНАРСКА ПРОТИВВРЕДНОСТ, но за ПРОТИВДЕНАРСКА ВРЕДНОСТ слушаме првпат и веројатно последен.

Повеќепати сме инфорнирани за тоа дека Папата ќе ја посети Македонија првпат. Тоа е историски настан. Зборува новинарката на ТВ и вели: ,,Македонија ќе го пречека и испрати Папата,,. Мошне често се прават ваквите грешки. Жалосно е што тоа обично се прави од новинари и воопшто луѓе од перото. Во народниот говор такво нешто не сме сретнале. Станува збор за повторувањето на партикулата ,,ќе,, и скратената заменска форма ,,го,,. Поточно, станува збор за неопходноста од тоа повторување ,,Македонија ќе го пречека и испрати Папата,,. Првиот дел од реченицата е јасен – ,,Македонија ќе го пречека,,, но вториот дел – ,,и испрати,, не е јасен. Виси глаголот ,,испрати,. Не е јасно кој, што или кого ќе испрати. Затоа целосниот израз треба да гласи: ,,Македонија ќе го пречека и ќе го испрати Папата,,. Значи, партикулата ,,ќе,, и скратената форма од заменката ,,го,, треба да се повторат и во вториот дел од реченицата. За пример: ,,Таткото го храни детето и го облекува,,. Кога би се рекло: ,,Таткото го храни детето и облекува,,, глаголот ,,облекува,, останува нејасен. Затоа во ваквите реченици повторувањето на ,,ќе,, и ,,го,, е неопходно: ,,Македонија ЌЕ ГО пречека и ЌЕ ГО испрати Папата,,. А не, – ,,Ќе го пречека и испрати,,. Пример уште еден: ,,Ловецот ќе го нишани и ќе го отепа зајакот,,. Замислете: ,,Ловецот ќе го нишани и отепа зајакот,,. Не оди!

Loading