СЕ ПОСТАВУВА „АРАПСКА НОЌ“

В театар

Дел од ансамблот на театарот интензивно ја подготвува претставата „Арапска ноќ“ од Роланд Шимелфениг во режија на Зоја Бузалковска. Премиерата ќе биде во мај.

Драмата е динамична со пет лика и напишана на специфичен јазик. Според Бузалковска, ликовите зборуваат во трето лице или гласно ги коментираат своите мисли и постапки. Потоа одненадеж влегуваат во дијалог. Елементите на трилер (приказната е со низа стапици, недоразбирања, бркотници, ненадејни пресврти, убиство, љубовен триаголник, кој можеби тоа не е) ја градат неизвесноста во развојот на дејството, а приказната која почнува така што се чини дека секој од ликовите дејствува сам за себе, полека ги пополнува испрекинатите линии и добива на тензичност и густина.

– Дејството се случува во европски град, во една летна ноќ, кога ненадејно се прекинува востановената практика на функционирање на животите секоја вечер. Една обична десеткатна станбена зграда, како многу околу, со текот на времето се претвора во ,,волшебна кула,, и станува ,,извор на магичен реализам,,. Приказната е прекрасна, неверојатно урбана и сензуална. Го спојува Истокот и Западот, грубата реалност и надреалното во сонот, тесниот стан и арапската пустина… Во сета забавност и динамичност на раскажување на возбудливата фабула, драмата се занимава со осаменоста и со потребата да се преспие сопствениот живот, да се сонува и да се замени реалноста со фикцијата, за да се преживее ноќта. Така, оваа зграда и овие пет луѓе стануваат пресек на целиот свет – вели режисерот Бузалковска.

Играат, Игор Трпче, Даниела Иваноска, Александар Степанулески, Димитар Ѓорѓиевски и Ангела Наумоска.

Дизајнот е на Јулијана Војкова-Најман, а музиката е на ,,Фолтин,,, кои ќе бидат и дел од претставата.

Loading