„DIDYMUS 2019“ ПРВА САМОСТОЈНА ИЗЛОЖБА НА АЛЕКСАНДРА АЦЕСКА

Aleksandra Aceska

„DIDYMUS (Bliznakot)“ е тематската изложба од нашата уметница Александра Ацеска што ќе биде отворена вечерва од 20 часот во ликовната галерија на ЦК ,,Марко Цепенков,,. Ова е втор самостоен проект на авторката, инспириран од 22-та  изрека во Житието по Тома (еврејски. תאומא; грчки. Διδυμος, Томас или Близнакот.

Проектот Didymus е продолжение на претходните истражувања на авторката.

– Ако во првиот проект кој го заокружив со изложба насловена ПОРТА ПИНУС, темата на интерес беше границата омеѓу две спротивни состојби, во Didymus акцентот е токму на двете спротивни крајности на целината. Темата е привлечна поради дуалистички светоглед како перспектива, кој е делумно оформен од влијанијата на поднебјето (идеологија, религија) и делумно е во природата на мојот карактер. Од тука и насловот на изложбата, Didymus, што во превод значи Близнак – вели Александра.

Неа ја интересирала една тенденција е наспроти друга и кога едната спротивно од другата пробуваат да се прошират и заменат.

– Во зависност од околностите една од тенденциите доминира еднаш, па потоа другата доминира, но на крајот секогаш има баланс помеѓу двете, бидејќи двете состојби се во служба на целината. Дуализмот повеќе се појавува како индивидуална перцепција, отколку како реална состојба во природата. Во 22-та  изрека по Тома, која е и темел на истражувањето, се нагласува потребата да се надмине поделеноста во сетилата, во умот и во перцепцијата за она што го нарекуваме внатрешно наспроти надворешно, за потоа со појасна и поинаква димензија да го искусиме животот. Во изложбата која е заокружување на проектот, пробав да ја трансформирам галеријата и да ,,изложам,, атмосфера и целина. Посетителите се соочени со атмосфера која може да ја перцепираат со сите сетила – визуелно, аудитивно, преку мирис, вкус и допир.. Ова е простор во простор, го трансформирам просторот на начин кој за гледачите ќе биде различен. Пробувам да ги вклучам сите сетила, и поради таа причина, на изложбата може да се забележат повеќе форми на изразување. Изложени се објекти, инсталации, фотографии, суминагаши печати, цртежи, слика и аудио композиција. Покрај ликовните дела просторот го оформуваат и суптилни елементи. Мирисот, музиката, светлината од свеќите и течностите, го вовлекуваат посетителот во мистична атмосфера, каква што прилега на симболите искористени во ликовниот јазик – потенцира уметницата.

Ацеска  дипломирала сликарство со модул графички дизајн на ФЛУ Скопје. Поле на интерес í се истражувањата на границата меѓу видливото и невидливото, духовното и неговата манифестација во материјата и табуата на новото време (традиција, религија, фамилијарни и интерперсонални односи), а тоа го доловува со експериментирање со природни материјали и несекојдневни техники на творење. Добитник е на неколку награди за млад уметник.

Loading