ПЕСНИТЕ НА ПЕТРЕ КИРОВАКОВ ПОЛНИ СО ЉУБОВ

Petar KirovakovПоетската збирка „101 песна за љубовта“ на Петре Кироваков нуди слика на моќта на зборовите заврзани во јазолот на стиховите. Втората збирка на поетот ја промовираа Цеца Видова Трајческа и Слободан Беличански, а модератор беше Снежана Паноска.

Видова Трајческа, претседател на Клубот на литературни творци, промовирајќи ја збирката, посочи дека мотивот во песните целосно е сраснат со љубовта во сите  нејзини човечки облици, среќна, несреќна, радосна и полна со младешки занес или пак платонска и полна со невиност сé до онаа зрелата и полна со разбирање.

-Едноставно љубовта ја носи круната во сите песни и нејзиното височество стои на врвот на скалите и од високи скалила ги држи конците на вљубените, ги чува нивните воздишки, осаменост, копнеж и желба да се почувствува страста од жешкиот жар на љубената. Умешноста да се создаде песна е вистинска уметност, бидејќи во секоја песна, во секој збор и стих, треба да умееш да го сокриеш времето и во него да ја преплетиш емоцијата, да ја обоиш со лирика за да го отвори катанецот на срцето и да ја даруваш со трепет кој лелеаво и безвременски ќе трепети со сечие читање. Покрај мотивациска определеност на песните кои колоритно и нијансиски ја опишуваат љубовта и сите нејзини светликави огледалца наспроти поетовото сонце кое напати ја осветлува, напати ја засенува нејзината убавина, поетот уште во зародишот  на создавањето на збирката успеал да ги подели песните во три засебни  циклуси – забележува Цеца Видова Трајческа.

Авторот Кироваков вели дека неговата творба се неговите емоции. Тој е автор и на збирката ,,Солзи за мојот Егеј,,. Член е на Клубот на литературни творци Прилеп и учесник на бројни поетски манифестации, каде бил и наградуван.

Loading