„КУЛТОТ КОН СВЕТИТЕ МОШТИ НА ТЕРИТОРИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА“

Стручна книга на д-р Ели Луческа

kniga od Lueska

„Интересот кон светите мошти се појави како логично продлабочување на истражувањата поврзани со култот на христијанските светители во културната историја и традиција во Македонија. На ова тема сум фокусирана во проучувањата речиси целиот работен век. Разоткривањето на богатството на елементи кои го градат култот и народниот лик на светителот, се заокружи со одбраната на докторската дисертација „Култот на христијанските светци во народната традиција на Македонците“ (2008) која, пак, преработена во некои содржини, излезе во печат со наслов ,,Култот на христијанските светци во Македонија – историја и традиција,, (2010)“.

Ова го потенцира д-р Ели Луческа, авторот на значајната книга „Култутот кон светите мошти на територијата на Македонија“.

Вокнигата се привлекува вниманието преку неколку преданија поврзани со светите мошти, запишани од М. К. Цепенков, а истовремено и чудотворноста на нивната моќ засведочена во житијата на светителите.

-Потрагата по историските траги на народните и црковните преданија и легенди за моштите на христијанските светители кои се одраз на народното толкување на историските лица и настани и кои често не одат далеку од историската вистина, водат до заклучокот дека во македонската наука, култот кон моштите на светителите, но и воопшто, на христијанските реликвии што се чуваат или се однесени од нашата земја во текот на вековите, речиси и да не биле предмет на сериозно научно проучување и истражување, како дел од богатата духовна традиција и културна историја на Македонија. До скоро, во Македонија беа објавени само пооделни студии. Монографијата содржи четири глави. Посветено е внимание на терминологијата на моштите, култното значење во развојот на христијанството, почетоците на почитувањето, вкоренето уште во старозаветната и новозаветната традиција, како и проблематиката поврзана со светоста и чудотворноста на моштите преку анализа на богословското учење и народните верувања, и преку компарација на хагиографските творби и народните преданија на светителите. Обработена е и улогата на светите мошти при структурирањето на христијанскиот сакрален простор, од мартириумите преку пренесувањето на моштите и осветувањето на црквите, нивното значење при градењето на различните религиски, политички и национални идеологии, како во минатото така и денес, по примерите на поголемите православни центри на територијата на Македонија – потенцира д-р Луческа.

Акцент е ставен и на ,,светите кражби,,, но и на обичајно-обредните дејствија (црковни и народни) поврзани со моштите, чудотворните способности и на поклоничкото патување, како едно од најдревните ритуални практики низ кое се реализира допирот со светоста, а во последната деценија е масовно поврзано, освен со светите објекти – храмовите, чудотворните икони, светите води и сл., и со поклонението на светите мошти и тоа на локално, регионално, национално и трансгранично ниво.

Loading