ЗАР И ТИ СИНЕ БРУТЕ!

ivce1Ќе се обидеме да објасниме зошто ни падна на ум овој наслов. Забележуваме многу грешки, особено на медиумите. Најтешко паѓаат оние кои ги прават високи политичари, интелектуалци, професори, ТВ водители, новинари. Некои грешки се, би се рекло, незабележливи. Ама некои се крупни што може секој да ги препознае и да реагира, или подобро речено – да се нервира. Јазикот ни бил загарантиран. Никој не можел тоа да го оспори. Точно е тоа. Никој не може да го оспорува или пак да го брани. Јазикот се брани сам. Да, но само преку оние што го користат, преку Македонците каде што е тој ем мајчин, ем литературен, ем службен.

Еве некои конкретни примери со личностите од кои сме ги чуле грешките. Емисија на Канал 5 за кулинарството, за разно-разни рецепти и специјалитети. Водител е Ване. Емисијата била снимена во селото Теарце. Стануваше збор за специјалитетот кој се викал – ,,Шарена печеница,,. Додека домаќинката ја печеше, Ване предложи да се напијат по една топла ракија со другите присутни. Чашите тука, се налева ракија и Ване свечено наздравува – Ајде ЖИВЕЛИ. Браво Ване! Го одбра ,,најмакедонското,, наздравување. Зар не ти текна за – ,,на здравје,,, ,,добра мисла,,, ,,да сме живи,,, ,,да сме здравиживи,, и така натаму. Вакво (српско) наздравување слушаме и кај други луѓе. Водител не смее да го прави тоа во емисија. Постојано се прашуваме, што ли прават лекторите, макар што за ваквите грешки и не е потребен лектор. Се прашуваме и за тоа дали Ване, и другите како него, одговараат пред некого за ваквите грешки. А грешките се редовни.

Понатаму. Во Шуто Оризари настанала голема тепачка. Повредени биле двајца полицајци. Неколку души биле приведени. Истрагата тече, како обично. На прашање од новинарите, министерот за Внатрешни работи одговара: ,,Наскоро ќе го дознаеме крајниот епилог,,. КРАЈНИОТ ЕПИЛОГ! Па, господин министер, не постои некој почетен епилог, или некој среден епилог. Епилогот значи крај на некој настан, крај на некое дејство, крај на некоја литературна творба. Тоа е краен резултат, разврска. Накратко, тоа е – КРАЈ. И ќе го чекаме ,,крајниот крај,,, па ќе бидеме известени за големата тепачка. Треба да се рече дека – ,,Откако ќе го дознаеме епилогот, тогаш ќе знаеме сé,,. Во никаков случај не треба – ,,крајниот епилог,,.               

Вести на извесна телевизија. Слушаме ваква реченица: ,,Македонија на столчето во НАТО, за една или две недели,,. Македонија нема намера таму да седи само две недели. Редовна грешка, кога треба ,,за,, а кога ,,по,,. Треба да се каже дека Македонија ќе го добие тоа столче ,,по,, две недели, а не ,,за,, две недели.

Да се вратиме на почетокот, на насловот – ,,Зар и ти сине Бруте,,. Таа реченица ја изговорил Цезар кога го видел меѓу заговорниците и Јуниј Брут со меч во раката. На ш наведува на оваа реченица? Кога сакаат луѓето да потврдат дека им претстои или дека ќе извршат некое големо дело, употребуваат вакви изрази кои, на извесен сликовит начин ќе го потврдат тоа. На пример: ,,Мечка ќе родам, ама ќе го направам тоа,,. Има многу такви примери. Пред некој ден го слушавме Премиерот кој објаснува дека просечната плата ќе биде 500 евра. За да го потврди тоа, вели: ,,Железни опинци ќе облечам, ама ќе има просечна плата од 500 евра,,. Тогаш ни дојде на ум: ,,Зар и Вие господин Премиер,,. Зар и Вие не знаете дека опинците не се облекуваат туку се обуваат. Се сеќаваме на еден дијалог меѓу двајца луѓе многу, многу одамна во едно зафрлено село. Едниот вели: ,,Одвај чекам да го заколиме прасето, да им направам опинци на децава. Немаат што да обујат, а зимата наближува,,. Отсекогаш, чевлите, опинците, патиките се обувале, а не се облекувале. Тие не се облека, тие се обувки.

А ти, наш јазику македонски, не грижи се. Ти си загарантиран. Никој ништо не ти може, освен ние – МАКЕДОНЦИТЕ.

Loading